2012



Вторник,18 декември 2012

АКЦИСКИ ПЛАН ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ЕВРОПСКИОТ ЗАКОН ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА И КОРПОРАТИВНО УПРАВУВАЊЕ

Усогласувањето на правилата за трговските друштва, корпоративното управување, сметководството и ревизијата е од суштинско значење за создавање на Единствен пазар на финансиски услуги и производи. Во оваа област целите се насочени кон обезбедување на подеднаква заштита на акционерите и другите засегнати страни во компаниите, слободно основање на компании во ЕУ, зајакнување на ефикасноста и конкурентноста на бизнисите и промовирање на прекугранична соработка меѓу компаниите во различни земји-членки на Унијата.

Европската комисија на 12 декември годинава усвои акциски план кој вклучува идни иницијативи во областа на законодавството за трговските друштва и корпоративното управување. Европскиот закон за трговски друштва и корпоративно управување треба да обезбеди конкурентност и одржливост на претпријатијата. Извршената анализа на состојбите во изминатите две години како и консултациите спроведени од Европската комисија покажуваат дека може да се направат натамошни подобрувања на законската рамка. Од страна на Комисијата се идентификувани неколку насоки на дејствување кои се од фундаментално значење за донесување на модерна законска регулатива за одржливи и конкурентни компании.

Клучни елементи на акцискиот план се: зголемување на нивото на транспарентност помеѓу компаниите и нивните акционери со цел да се подобри корпоративното управување и иницијативи за поддршка на европските претпријатија и поттикнување на нивниот раст и конкурентност. Акцискиот план предвидува спојување на сите поголеми директиви за трговските друштва во единствен инструмент. На овој начин европскиот Закон за трговски друштва ќе биде подостапен и поразбирлив со што ќе се намалат ризиците од недоследности.

Во Стратегијата „Европа 2020", меѓудругото се повикува и на подобрување на деловното опкружување во Европа, законот за трговски друштва и правилата за за корпоративно управување на компаниите, инвеститорите и вработените мора да бидат прилагодени на потребите на општеството и промените во економската средина.

За повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/company/modern/index_en.htm

Click