2012



Четврток, 04 октомври 2012 година

АКТ ЗА ЕДИНСТВЕНИОТ ПАЗАР (II)

Преку Единствениот европски пазар, граѓаните на Европската унија можат да живеат, да работат и студираат во секоја од земјите-членки на Унијата. Компаниите можат да ги продаваат своите производи и услуги на околу 500 милиони потрошувачи во ЕУ. Можностите што ги нуди Европскиот пазар значат поголем избор и пониски цени за потрошувачите, повеќе можности за бизнисите како и поголем раст и работни места.

Единствениот пазар е главен контрибутор за растот и вработувањата во Европската унија. Во периодот од 1992 до 2008 година, Единствениот пазар креираше околу 2,7 милиони нови работни места и дополнителни 2,13% во БДП. И покрај овие бенефиции, Единствениот пазар сеуште не е комплетиран, истиот треба да одговори на постојаните промени во светот, социјалниот, демографскиот и технолошкиот развој да бидат вклучени во политиката со цел Единствениот пазар да продолжи да генерира раст, социјална кохезија и работни места.

Исполнувањето на Единствениот пазар е централен елемент на европската агенда за раст за справување со актуелната економска криза. Поради оваа причина Европската комисија на 3 октомври годинава го усвои Актот за Единствен пазар (II), со кој се поставуваат 12 клучни активности за зајакнување на растот, вработеноста и социјалната кохезија. Активностите се концентрирани на четири главни фактори за:

  •  развој на интегрирани транспортни и енергетски мрежи во Единствениот пазар,
  • прекугранична мобилност на граѓаните и бизнисите,
  • поддршка на дигиталната економија во ЕУ и
  • зајакнување на социјалното претприемништво и кохезија како и на довербата на потрошувачите.

Актот на Единствениот пазар (II) ги следи чекорите од првиот сет на мерки од Актот за Единствениот пазар (I) кој беше претставен од Комисијата на 13 април 2011 година и претставува ново поглавје во процесот за подобро интегриран Единствен пазар.

Оваа година се одбележуваат дваесет години од Единствениот пазар на Унијата. Деновите од 15 до 20 октомври се посветени на одбележување на Европската недела на Единствениот пазар по мотото "Заедно за нов раст".

Во 2013 година Комисијата ќе ги проследи сите клучни законодавни предлози за Актот на Единствениот пазар (II), кои Европскиот парламент и Советот ќе треба да ги  усвојат во 2014 година.

За повеќе информации на следниов линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/smact/index_en.htm

Click