2012



Среда, 26 септември, 2012 година

ЕВРОБАРОМЕТАР: ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ НАЈДОБРО ЈА ПРЕТСТАВУВА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Според најновото истражување на Евробарометар, спроведено по барање на Европскиот парламент и координирано од страна на Генералниот директорат за комуникации, граѓаните на Европската унија искажале попозитивно мислење за Унијата во споредба со девет месеци претходно. Истражувањето е спроведено во периодот од 2 до 17 јуни годинава, при што биле опфатени 26.622 жители од сите 27 земји-членки на Европската унија. Резултатите од анкетата беа објавени на 6 септември годинава.

Европскиот парламент редовно побарува истражување на јавното мислење во земјите-членки на ЕУ, со цел парламентот да ја задржи перцепцијата на граѓаните, очекувањата за неговото работење, како и генерално од ЕУ. Истражувањата се исклучително корисни во фазите на подготовка, одлучување и оценка на парламентарното работење.

Со оглед дека во Европската унија се очекуваат избори во 2014 година, истражувањето на Евробарометарот било насочено кон утврдување на познавањето на европските институции од страна на граѓаните на ЕУ, како и нивните очекувања во време на финансиска криза. Околку 1/4 од испитаниците знаеле дека следните избори за Европскиот парламент ќе се одржат за две години.
                                      
Според најновото истражување, апсолутното мнозинство од анкетираните смета дека Европскиот парламент е институција која „најдобро ја претставува Европската унија“. Истовремено, сметаат дека гласањето за европските избори претставува најдобар начин да се слушне гласот на граѓаните.

Кај луѓето сè уште постои поделеност за тоа дали проблемите се решаваат на ниво на ЕУ, 54% од испитаниците се изјасниле негативно, 42% одговориле потврдно. На создавањето на работните места и борбата против невработеноста се гледа како на врвни приоритети во справувањето со кризата во ЕУ.

Според утврдените наоди од истражувањето, кај мнозинството граѓани на ЕУ се подобрува впечатокот за Унијата. Половина од анкетираните се изјасниле дека членството во ЕУ е „добра работа“, додека 40% од Европејците имаат позитивно мислење за Унијата. Споредено со ноември 2011 година, во овој контекст позитивно се изјасниле само 31% од испитаниците. Сепак, мнозинството од анкетираните имаат став дека нивниот глас „не се зема предвид во ЕУ“, иако постои значително зголемување на процентот на оние кои мислат дека со нивниот глас може да ја креираат својата иднина во ЕУ.

Кога е во прашање европскиот идентитет, мнозинството од анкетираните верува дека вредностите на демократијата и слободата и единствена валута - еврото,  се нејзините главни компоненти. Како и во претходните истражувања, борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост се први на листата на приоритети кои граѓаните на ЕУ би сакале да бидат застапувани од Европскиот парламент.

Резултатите од анкетата покажуваат дека Европејците знаат малку за функционирањето на ЕУ и нејзините институции. Европскиот парламент е најпозната институција и најмногу се споменува во анкетата, кај повеќе од 50% од испитаниците, потоа Европската централна банка кај 1/3 и Европската комисија кај 1/4 од испитаниците.


За повеќе информации на следниот линк:
http://www.europarl.europa.eu/news/en/headlines/all-the-news?start=20

Click