2012



Вторник, 31 јули 2012 година

ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЕВРОПСКАТА ДИРЕКТИВА ЗА АУДИО-ВИЗУЕЛНИ И МЕДИУМСКИ УСЛУГИ

Директивата за аудио-визуелни и медиумски услуги (2010/13/EУ) обезбедува единствен пазар и правна сигурност за европската телевизиска и аудио-визуелна индустрија преку создавање на еднакви услови за емитување, употреба на аудио-визуелни медиумски услуги преку границите,  зачувување на културната разновидност, заштита на децата и на потрошувачите, обезбедување на медиумски плурализам и борба против расна и верска омраза. Директивата се заснова на принципот "земја на потекло" при што добавувачите на аудио-визуелни и медиумски услуги се предмет на прописите само во нивната земја на потекло и не може да бидат предмет на регулирање во земјата на дестинација, освен за многу мал број на случаи кои се утврдени во членот 3 од Директивата.

Земјите-членки на Европската унија постигнаа согласност за имплементација на  Директивата 2010/13/EУ во националното законодавство од 19 декември 2009 година. На почетокот, во 1989 година беше усвоена Директива позната како "Телевизија без граници", истата за прв пат беше изменета во 1997 година, а потоа во декември 2007 година беше усвоен еден амандман на Директивата. На 10 март 2010 година, одредбите од оригиналната директива "Телевизија без граници" беа споени со одредбите содржани во изменетите директиви, со цел формирање на кодифицирана верзија која е позната како Директива за аудио-визуелни и медиумски услуги.

Европската комисија во јули годинава достави барање до четири земји-членки: Португалија, Словенија, Финска (во врска со автономниот регион на Аланд) и Обединетото Кралство на Велика Британија (во врска со прекуморската територија Гибралтар), за доставување на информации за спроведувањето на Директивата за аудио-визуелни и медиумски услуги. Комисијата побара од надлежните органи да одговорат во рок од 10 недели. Напорите на Комисијата се со цел да обезбеди дека националното законодавство од областа на медиумите правилно се спроведува во сите земји-членки на Унијата. Барањето за доставување на дополнителни информации до Комисијата не подразбира дека Директивата не се спроведува правилно туку значи дека во оваа фаза Комисијата има одредени нерешени прашања во врска со имплементацијата на Директивата од страна на неколку земји-членки.

Претходно, во март 2011 година Комисијата испрати барања до 16 земји-членки: Белгија, Бугарија, Чешка Република, Данска, Финска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Малта, Холандија, Романија, Шпанија, Шведска, Словачка и на Обединетото Кралство на Велика Британија, како и во септември 2011 година до 8 земји-членки: Австрија, Кипар, Естонија, Германија, Унгарија, Латвија, Литванија и Луксембург.

За повеќе информации на следниве линкови:
http://ec.europa.eu/avpolicy/reg/tvwf/index_en.htm
http://ec.europa.eu/information_society/digital-agenda/index_en.htm

Click