2012



Вторник, 31 јули 2012 година

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ НА БИОЦИДИТЕ

На 17 јули 2012 стапија во сила новите правила за регулирање на понудата и употребата на биоциди со што ќе се даде значаен поттик на напорите за заштита на здравјето на луѓето и животната средина. Со новата Регулатива за биоциди се воведуваат правила за нивно побезбедно користење, се поедноставуваат постапките за добивање на авторизација за пласман на пазарот на Европската унија како и се олеснува нивното движење во рамките на Внатрешниот пазар на Унијата.

Биоцидите се присутни во секојдневниот живот, во средствата за дезинфекција, препаратите против инсекти, спрејови и боите, таблетите за прочистување на водата и многу други производи.

Биоцидите беа предмет на уредување во правото на ЕУ уште од 1998 година, и оттогаш околу илјада производи се опфатени во рамките на Директивата за биоцидни производи. Со новите одредби ќе се намалат тестирањата врз животни благодарение на барањето за задолжителна размена на податоци, како и за пофлексибилен и интегриран пристап кон тестирањето. Се предвидува користење на специјална информациона платформа (регистер за биоцидни производи) за поднесување на апликации и за донесени решенија за регистрација и за ширење на информации до пошироката јавност. Обемот на заштитата ќе биде проширен со новото законодавство што ќе се применува и за стоки третирани со биоциди и материјали како што се мебел и пакувања на прехранбени производи.

Главната улога во администрирањето со новата регулативата е доделена на Европската агенција за хемикалии (ECHA), во моментот агенцијата обезбедува стручен тим од 100 луѓе кои работат во областа на биоцидите.

Регулативата ќе почне да се применува од 01 септември 2013 година, потоа претпријатијата ќе имаат две можности при барањето за дозвола за пласирање на своите производи на пазарот. При првата опција, што најверојатно ќе се користи од страна на големите компании, ќе треба да поднесат барање до Европската агенција за хемикалии и доколку се утврди дека производот е безбеден, истиот ќе може да се пласира на пазарите на целата територија на ЕУ. Втората можност што веројатно ќе биде поинтересна за малите и средни претпријатија, кои во овој случај ќе треба да поднесат барање до националниот орган за да може производот да го пласираат во својата држава. Доколку во овој случај претпријатијата добијат дозвола, ќе можат да го пуштат производот на пазарот на други земји-членки во согласност со принципот на меѓусебно признавање.

За повеќе информации на следниве линкови:
http://ec.europa.eu/environment/biocides/regulation_2012.htm
http://ec.europa.eu/environment/chemicals/index.htm

Click