2012



Понеделник, 23 јули 2012 година

ПРЕДЛОГ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ЛИЦЕНЦИРАЊЕТО НА МУЗИЧКИТЕ ДЕЛА ВО ЕДИНСТВЕНИОТ ПАЗАР НА УНИЈАТА

Со новите дигитални технологии се отвораат големи можности за авторите, потрошувачите и бизнисите. Зголемената побарувачка за online пристап до културни содржини (книги, музика, филмови) не признава граници и ограничувања.

Европската комисија на 11 јули годинава усвои Предлог на директива за управување со колективните права и мулти-територијално лиценцирање на авторските права на музички дела за онлајн користење во Внатрешниот пазар на Унијата. Целта на новата директива е да се создаде подобра правна рамка за управување со колективните права за носителите на правата: авторите, изведувачите, производителите, како и да се обезбеди подобрување на стандардите, транспарентноста и финансиското управување.

Клучни елементи на предложената директива се следните:

  • да се промовира поголема транспарентност, да се подобри управувањето на колективните здруженија преку зајакнување на обврските за известување и контрола на активностите на носителите на правата, како и да се стимулираат иновативни и поквалитетни услуги, 
  • да се поттикне и да се олесни мулти-територијалното и мулти-репертоарното лиценцирање на правата на авторите на музички дела за online користење.

Со новиот предлог, во праксата ќе се обезбеди подобра заштита на интересите на носителите на правата и зголемување на пристапот до културните содржини за потрошувачите. Со новите правила за подобрување на управувањето со репертоарот, побрза исплата на членовите, годишен извештај за транспарентност и дополнителни информации кои ќе се обезбедуваат директно од носителните на правата и бизнис партнерите, ќе се промени начинот на работа на колективните здруженија во Европа. 

Колективните здруженија дејствуваат како посредници помеѓу носителите на правата во музичката индустрија, но исто така и за други уметнички форми (книги, филмови). Во Унијата постојат околу 250 колективни здруженија кои годишно управуваат со приход од околу 6 милијарди евра. Земјите-членки ќе треба да воспостават механизми за решавање на споровите меѓу колективните здруженија и носителите на правата. Подобрените стандарди и процедури треба да обезбедат подобро функционирање на колективните здруженија и зголемување на довербата за нивните активности. 

Предложената директива е во насока на дополнување на Единстениот пазар за интелектуална сопственост и е дел од Стратегијата на Европската комисија за интелектуална сопственост за 2011 година.

За повеќе информации на следниов линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/top_layer/intellectual-property/index_en.htm

Click