2012



Четврток, 20 септември 2012 година

ПРЕДЛОГ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА ЕДИНСТВЕН МЕХАНИЗАМ ЗА СУПЕРВИЗИЈА НА БАНКИТЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Суштинска компонента на европската политика во областа на финансиските услуги е постигнување на интегриран пазар за банките и финансиските конгломерати. За да се избегнат во иднина банкарските кризи, да се обнови довербата во финансискиот систем и да се обезбеди заштита на штедачите, потребно е да се обезбеди поцврста супервизија и интеграција на ниво на Европската унија.

Во време кога банките сè повеќе работат надвор од границите, надзорот над нивните активности е на национално ниво. Заедничкиот паричен промет и ограничената финансиска интеграција ја прави еврозоната особено ранлива на банкарски кризи кои се прелеваат од една во друга земја-членка на Унијата.

Во 2011 година беа поставени три надзорни тела за да ја помогнат координацијата на работата на националните регулатори, како и да се обезбеди конзистентна примена на европските правила.

Европската комисија смета дека е потребна поголема супервизија на ниво на ЕУ. Од оваа причина, Комисијата на 12 септември годинава достави нов предлог (комуникација од Комисијата до Европскиот парламент и до Советот), придружен со два законски предлози: за воспоставување на единствен механизам за супервизија со доделување на конкретни задачи на Европската централна банка во однос на политиките кои се однесуваат на претпазлива супервизија на кредитните институции како и за приспособување на регулативата за формирање на европски банкарски орган. 

Со новиот предлог, Европската централна банка добива нови овластувања за следење на работењето на околу 6000 банки во еврозоната - се воведува единствен механизам за супервизија на банките во Унијата. Европската централна банка ќе дава овластување на банките и други кредитни институции и ќе ги следи активностите на финансиските конгломерати. Европската централна банка ќе има можност да побара од банките да преземат корективни мерки. Во меѓувреме, националните тела за супервизија ќе продолжат да ги извршуваат проверките на дневна основа.

Со единствениот правилник за капитални побарувања, стандардизираните шеми за заштита на депозити и новите одредби за наплата на побарувањата, кои беа предложени на почетокот од годинава ќе се заокружи „банкарската унија“. Во јануари 2013 година Европската централна банка ќе го започне процесот, ќе ги надгледува банките кои добиле или побарале финансиска помош од јавниот сектор. Супервизијата на сите банки ќе се извршува од јануари 2014 година.


За повеќе информации на следните линкови: 
http://ec.europa.eu/internal_market/bank/index_en.htm
http://ec.europa.eu/news/eu_explained/120917_en.htm

Click