Собраниско раководство



Петок, 2 август 2013 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 2 Август - Денот на Републиката

Почитувани присутни,
Почитувани сограѓани,
Уважени борци, учесници во антифашистичката борба,
Следбеници и почитувачи на големото дело на Илинденците,
Почитувани пратеници,
Членови на Владата на Република Македонија,
Ваши екселенции,
Претставници на Македонска православна црква, како и на останатите верски заедници,
Почитувани гости,
Драги пријатели,

Чествувајќи го денешниот ден, како Ден на Републиката, празник на нашата држава и борбата на нашиот народ, уште еднаш го исполнуваме аманетот оставен од нашите предци, од Илинденците, од Асномците, односно од сите родољубиви личности кои дадоа жртва во остварување на идејата за слободна Македонија.
Славејќи ја нивната пожртвуваност за слободна и независна држава, искажуваме благодарност за нивната непокорност и истрајност поради која денeс сме свои на своето.
Илинден е темелот на нашата државност и самобитност!
Илинден е гранитното сведоштво за влогот на генерациите пред нас!
Илинден е мотив за акција!
Илинден е посакуваната енергија!
Овој ден е незапирливиот импулс кој Македонија ја водел и ќе ја води само напред кон нови победи!


Почитувани,

Тој незапирлив импулс за победа на правдата го имале и илинденците во безусловната борба за слобода, но и славните партизани кои еднакво силно се посветија на идејата за независна македонска држава.

Таквиот импулс го имавме и пред две децении кога се создаваше демократска Република Македонија, но го имаме и денес, бидејќи предизвиците се сè уште тука, а нашата посветеноста во градењето на подобра иднина сè уште се нашиот најголем императив.

Да го сочуваме тоа што го имаме!

Да го почитуваме тоа што како непроценливо наследство сме го затекнале.
Безусловно да го уважуваме и да го негуваме споменот за славните илинденски епопеи.
Конечно, мораме да го надоградиме сето тоа со своето дело и да го оставиме на поколенијата што гордо чекорат со нас.
Секоја генерација има своја визија, свој начин и своја борба.

Денес се соочуваме и со предизвици со кои се проблематизираат државните и националните обележја, традицијата, корените, НО ЗНАМ ДЕКА И ОВАА ТЕШКА И НЕПРИНЦИПИЕЛНА БИТКА ЌЕ ЈА ДОБИЕМЕ. 

Денес, сите ние заедно, имаме голема задача да се избориме за  подобар свет за нашите деца, внуци, за идните генерации Македонци.

Драги пријатели,

Маките, огромните жртви и гласните вековни извици за слобода на нашите славни предци, довека нè задолжија да ја чуваме слободата.

За таа слобода безброј знајни и незнајни војводи, комити и партизани, храбро и свесно се вложија во темелите на Македонија.
Гоце, Јане, Даме, Питу, Ченто и многу други.
Имиња кои нè задолжија, но и нè научија колку е скапа слободата.

Еден од нив е и Методија Андонов-Ченто.

Судбината му предодредува да биде борец за каузата наречена Македонија и да го носи тешкото бреме на татковината и меѓусебните македонски пресметки.

Тој уште како дете ги преживува сите тешкотии и неправди низ кои со векови минува целиот македонски народ, ропството и безмилосните пропаганди за асимилација и разнебитување на еден цел народ.

Ченто целиот свој живот и дело го посветува на идејата за слободна и обединета Македонија. Тој ја препознава важноста на идеалите и целите поставени од славните Илинденци. Тој знае дека темелот на мир, слобода и еднаквост во Македонија, лежи токму во македонската независност! Знаејќи го огромното влијание кое Илинденците го имале врз него, не изненадува фактот што при формулацијата на Манифестот во 1944 година, на негово инсистирање, било запишано и објавено следново:

„ТРГНУВАЈЌИ ОД ВЕКОВНИТЕ ИДЕАЛИ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ПРВОТО МАКЕДОНСКО НАРОДНО СОБРАНИЕ ЈА ПРОКЛАМИРА, ПРЕД ЦЕЛИОТ СВЕТ, СВОЈАТА ПРАВЕДНА И НЕОТСТАПНА ЖЕЛБА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД. СО ТОА ЌЕ СЕ СТАВИ КРАЈ НА РОПСТВОТО ВО СИТЕ ДЕЛОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЗЕМЈА И ЌЕ СЕ СОЗДАДАТ УСЛОВИ ЗА ИСКРЕНА СОЛИДАРНОСТ МИР МЕЃУ БАЛКАНСКИТЕ НАРОДИ“.

Овој далекусежен поглед на Ченто, можеби и безвременски по својот универзален хуман карактер, не смее да се заборави.

Ченто со својата борба и посветеност длабоко нè потсетува дека основната наша водилка треба да е единството на сите граѓани кои Македонија ја нарекуваат свој дом, кои во оваа држава го живеат својот живот, го создаваат своето семејство и кои на идните генерации ќе им ја пренесат светата визија за внатрешно единство, за слога, почитување и разбирање во нашето мултиетничко општество.

ТОКМУ ЗА ОВИЕ ИДЕАЛИ, ДЕНЕС НАШАТА БОРБА ПРОДОЛЖУВА!
Продолжува совладувањето на предизвиците!
Заедно, посилни од кога и да е!
БИТКА ЗА ПОДОБРА ИДНИНА, БИТКА ЗА ПОВЕЌЕ РАБОТНИ МЕСТА, ЗА ПОВЕЌЕ ИНВЕСТИЦИИ, ЗА ПОДОБРИ БОЛНИЦИ И УЧИЛИШТА, ЗА ПОДОБАР СТАНДАРД!
За поголема грижа за секој од нас, особено за оние најранливите.
Се бориме и се обидуваме да создадеме подобар живот за сите нас.

Овие битки на свој начин се тешки, но ќе победиме, бидејќи се работи за Македонија, за нашите деца, за нашите баби и дедовци, мајки и татковци, се работи за сите нас!
Отстапувањето пред предизвиците не е дел од нашиот ген.
Не е во нашата крв која сите минати маки и потешкотии ја направиле дотолку посилна, дотолку поотпорна!
Во историјата сме имале бројни непријатели, силни, навидум непобедливи империи, но никогаш не сме отстапиле, никогаш не сме се поколебале.

Нашето време носи свои тешкотии и проблеми, но нема да отстапиме, ќе се бориме и ќе победиме!
Ние, како народ, точно знаеме каде одиме, кои вредности ги споделуваме и каде природно припаѓаме. Тоа многупати сме го кажале и покажале и ако треба уште толкупати ќе повториме.
Сакаме да бидеме дел од Европската унија и НАТО и сите реформи и напори ги насочивме во тој правец. Но, и како народ, знаеме уште нешто, а тоа е дека одиме натаму како што Илинден нè научи да одиме, а тоа е цврсто, гордо, чесно и одговорно!
Без самопочитта, вредноста на секое остварување, е значително намалена.

Ќе продолжиме по правецот кој сме го зацртале, но без притоа да заборавиме дека Македонија е една и неделлива!

Ние не сме без идентитет, семе без корен, куќа без темел!

Тоа им го должиме и на нашите предци, на нашата иднина, на нашите деца, на нашите поколенија.

Поради тоа, дозволете, уште еднаш, да им оддадеме, од длабочината на нашите души, почит на сите знајни и незнајни херои, кои со своите дела и жртви го направија овој ден возможен.

Го направија овој свечен собир реалност и ја направија Македонија суверена и независна држава, рамноправна со сите држави и народи во светот.

За сите нивни дела,

За жртвата за татковината,

За иднината која тие ја немаа, за ние да ја живееме,

Слава им!!!

Click