Собраниско раководство



Четврток, 12 септември 2013 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина

Ваша екселенцијо, амбасадоре на Народна Република Кина, Цуи Џивеи,
Почитувани пратеници,
Дами и господа,

Имам особена чест и задоволство да се обратам по еден значаен повод, како што е денешното одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Веднаш сакам да потенцирам дека односите меѓу двете пријателски држави се движат во незапирлива нагорна линија, при што ги карактеризира атмосфера на меѓусебно почитување и постојана желба за унапредување на соработката во сите можни области.

Пред некоја година, кога бев во посета на Кина, на реномираниот и престижен Шангај Експо, имав непосредна прилика да се уверам во огромните чекори кои секојдневно ги прави кинеското општество. Импресивната бизнис атмосфера на која наидов за време на мојата посета, засекогаш ќе ми остане во сеќавање. Кина навистина е голема држава со голем потенцијал. Но, дневната посветеност кон високото развојно темпо, а станува збор за најмногубројната нација во светот, го припишувам и на извонредните актуелни напори на кинеското раководство, но и на долгата кинеска традиција и длабока мудрост која извира од многувековната кинеска држава.

Една кинеска поговорка вели дека секое време си има свои јунаци. Јас слободно можам да кажам дека времето на Кина на светската економска сцена, рамо до рамо со останатите светски колоси, е дојдено. Чекорите од седум милји кои кинеската економија веќе подолго време ги прави на глобалната сцена, ја направија сериозен фактор и партнер во креирање на глобалните текови во светот. Овие импресивни развојни резултати го прават нашето пријателство и соработка уште понеопходно и подобредојдено!

Се разбира дека во нашите животи ни е најдобро кога ги споделуваме убавите нешта и кога учиме едни од други од добри настани, примери и ситуации. Но, во животот има и трагедии и болни настани, а и Кина и Македонија беа силно погодени од елементарни непогоди, од особено силни земјотреси, во Скопје и Сичуан. Овие големи катастрофични природни стихии однесоа многу жртви и разурнувања на имотите, но тие беа и сè уште се поттик за заедничко развивање и практикување на солидарноста, помошта и вкупната рехабилитација на оние кои пострадале. Тие се поттик за развој на градителските вештини и на понепосредната соработка на тој план.

Денеска, во оваа убава јубилејна пригода на која го одбележуваме дводецениското воспоставување на дипломатските односи и непосредната соработка меѓу двата пријателски народи, имаме прекрасна можност да се запознаеме и со убавите експонати на ракотворби на девојките од малцинството Чианг во регионот Венчуан. Ова уникатно творештво е многу блиско до нашето народно творештво, со корења кои лежат длабоко во историјата и кои во себе вградуваат траги и наслојувања од разни изминати епохи и култури. Формирањето на везбеното творештво во една посебна народна уметност, секако, најмногу се должи на колективните уметнички потенцијали на средината во која се создавало. А во тој поглед, и македонскиот и прекрасниот вез кој потекнува од малцинството Чианг, јасно сведочат за творечката уникатност и извонредност на неговите создавачи.

На крајот, пред да ви посакам успешна изложба, дозволете ми уште еднаш да пожелам уште многу години плодна соработка и пријателство меѓу двете нации, меѓу двете држави, Република Македонија и Народна Република Кина.
Благодарам на вниманието.

Click