ЕУ вести

Вторник, 1 јули 2014 година

Мартин Шулц реизбран за претседател на Европарламентот 

Прв пат во историјата на Европскиот парламент, претседател е реизбран за втор мандат. Со 409 гласови „за“, г. Мартин Шулц ја доби довербата и во наредните 2,5 години да остане прв човек на европскиот законодавен дом.

„Несекојдневна чест е да се биде првиот реизбран претседател на Европскиот парламент. Оваа обврска ќе ја сфатам многу сериозно, бидејќи ние сме срцето на европската демократија. Ако ЕУ го штити народот, ќе ја добиеме неговата доверба, независно од потеклото или полот“, истакна, меѓу другото, г. Шулц, во кусото обраќање во Европскиот парламент во Стразбур.

Според правилата, за да биде избран за претседател, кандидатот мора да освои апсолутно мнозинство на важечките гласови, односно 50% плус еден. 

Од вкупно 723 членови на Европскиот парламент, валидни гласови биле  612, од кои 409 во полза на 58-годишниот германски европратеник Шулц. 101 глас освоил г. Сајад Карим од Велика Британија, додека по 51 глас добиле г. Пабло Иглесијас од Шпанија и г-ѓа Улрике Лунацек од Австрија.

Гласањето за потпретседатели и квестори во Европарламентот ќе се одржи денеска попладне и утре. 

Click