ЕУ вести

Четврток, 8 октомври 2015 година

Пленарна седница на Европарламентот

Од почетокот на оваа седмица, Европскиот парламент одржува пленарна седница во Стразбур, во рамките на која вчера се одржа дебата меѓу лидерите на политичките групи и претседателот на Република Франција, г. Франсоа Оланд и канцеларот на Сојузна Република Германија, г. Ангела Меркел, а во врска со заедничко решавање на актуелните предизвици со кои се соочува Европската унија.

Бегалската криза е причина за овој прв заеднички настап на лидерите на Франција и Германија во Европарламентот после падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

„Посетата на Франсоа Оланд и Ангела Меркел е симбол на француско-германското помирување и европското единство. Кога француско-германската соработка не функционира добро, цела Европа страда. Ако, во услови на криза, Франција и Германија дојдат до добар компромис, тоа е во корист на сите партнери и на целата територија на ЕУ“, истакна претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц.

Свое обраќање на пленарната седница имаше и шпанскиот крал Фелипе VI, кој ја повика ЕУ да ја третира бегалската криза со „великодушност, солидарност и одговорност“.

На дневен ред пред европратениците, пред денешниот завршен ден, беа уште: соработката на ЕУ со Турција за сирискиот конфликт; Фолксваген скандалот со емисијата на издувни гасови; мерките против загадувањето на воздухот; ефективното распоредување на буџетот на ЕУ за помош на Грција; финансиската помош за стечајците во автомобилската и авио индустријата во Германија, Италија и Белгија, како и за штетите од поплавите во Бугарија и Грција.

Click