
Четврток, 10 септември 2015 година
Претседателот Вељаноски го прими новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, г-ѓа Ренате Коблер
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, г-ѓа Ренате Коблер.
На почетокот од средбата, двајцата соговорници изразија надеж дека успешната соработка која Собранието на Република Македонија ја имаше со претходните амбасадори, ќе продолжи и понатаму.
Амбасадорката Коблер се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот Вељаноски и истакна дека Амбасадата на Република Австрија е подготвена да помогне за натамошно интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете земји на сите нивоа, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на парламентарни комисии и пратенички групи за соработка.
Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија и Република Австрија имаат одлична билатерална соработка и дека Република Македонија е благодарна на поддршката која ја добива во однос на предизвиците со кои се соочува на патот на евроинтеграциите.
Двајцата соговорници се согласија дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е од особено значење не само за регионот, туку и за Европа во целина.
На средбата се разговараше и за тековните активности во Собранието и моменталната политичка ситуација во Република Македонија.
На крајот на средбата, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија и Кабинетот на претседателот за сите нови идеи за соработка и континуирана комуникација со Амбасадата на Република Австрија.