Собраниско раководство

Понеделник, 14 март 2016 година

Средба на претседателот Вељаноски со финскиот амбасадор, Н.Е. Перти Иконен

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Финска за Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. Перти Иконен.

За време на средбата, соговорниците разговараа за актуелната политичка ситуација во земјата и мигрантската криза во Европа.

Претседателот Вељаноски истакна дека политичката ситуација ќе се разреши со одржувањето на предвремените парламентарни избори, а за разрешување на мигрантската криза, неопходно е што поскоро да се изнајде заедничко европско решение. Тој потенцираше дека Република Македонија е подготвена да ги почитува одлуките на Европската Унија, бидејќи земјата географски припаѓа на Европа и аспирира кон поскоро интегрирање во Европската Унија. 

Амбасадорот Иконен потенцираше дека Амбасадата на Финска ја следи актуелната политичка ситуација преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје и искрено се надева на фер и демократски парламентарни избори во земјата. Што се однесува до мигрантската криза, тој истакна дека и покрај тоа што Финска се наоѓа на работ на Европа, и таа е засегната од кризата и е четврта земја во Европа по бројот на примени мигранти според бројот на жители во земјата.

Двајцата соговорници се согласија за потребата од интензивирање на парламентарната соработка на повеќе нивоа. 

Click