ЕУ вести

Среда, 14 ноември 2018 година

Наградата „ЛУКС“ за филмот „Жена во војна“

Драмата-комедија „Жена во војна“ (Woman at War) на Бенедикт Ерлингсон е добитник на наградата „ЛУКС“ за 2018 година на Европскиот парламент.

Станува збор за енергична, еколошка и феминистичка драма-комедија, во исландско-француско-украинска продукција, за една жена која ѝ прогласува војна на локалната алуминиумска индустрија во висорамнините на Исланд. Филмот претставува вистински повик за граѓанска отпорност, да се бори и да се спаси природата од индустрискаа алчност и хегемонија.

„Наградата ’ЛУКС‘ годинава ни понуди конкуренција која беше навистина извонредна во поглед на оригиналноста и актуелноста. Финалните филмови се многу различни во однос на нивните жанрови и теми, но сите тие имаат нешто заедничко: главните ликови се жени кои се решителни, силни и, генерално, во пол-позиција кога станува збор за менување на редот на нештата“, истакна претседателот на Европарламентот, Антонио Тајани.

Своето задоволство не го криеше ниту режисерот Ерлингсон: „Чест ми е да бидам тука во храмот на моќта на законодавството. Се чувствувам како политичар, и мислам дека политичарите, исто така, се раскажувачи. Всушност, исто така сте многу храбри затоа што ги преземате вистинските предизвици во борбата против климатските промени. Климатските промени ќе бидат во фокусот на целата политика во иднина.“

„Жена во војна“ победи во конкуренција на „Стикс“ од Волфганг Фишер и „Другата страна на сè“ на Мила Турајиќ.