Собраниско раководство

Вторник, 28 ноември 2017 година, Стокхолм

Посета на претседателот Џафери и собраниската делегација на Стокхолмската бизнис школа

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и членовите на официјалната делегација, пратениците Фросина Ташевска-Ременски, Ејуп Алими и Фадил Зендели, ја посетија Стокхолмската бизнис школа од Универзитетот во Стокхолм. 

Во рамките на посетата на Школата, претседателот на Собранието на Република Македонија и членовите на официјалната делегација имаа можност да се запознаат со активностите и научните програми на Школата, но и да дискутираат за актуелни економски прашања со магистри и докторанди на оваа реномирана високообразовна институција, која постои од 1909 г. 

Делегацијата беше примена од г.Јан Ричардсон, директор за образование во Школата, и неговата служба и тим научни истражувачи. Тие ја презентираа работата на Школата, нејзините образовни програми, профилот на студенти и диверзитетот на националности и држави од каде тие доаѓаат. Информираа за степените на академски титули кои се стекнуваат во текот на образовниот процес, како и за натамошната интеграција на едуцираниот кадар во шведското општество, но и во целиот свет.  

Господинот Јан Ричардсон информираше за извонредната соработка со Амбасадата на Република Македонија во Стокхолм, особено во рамките на Проектот на медиумска визибилност на Република Македонија. Се работи за истражување за тоа како шведските граѓани го перцепираат граѓанинот на Македонија, Република Македонија и нејзината културна, социјална и општествена димензија.

Со посветениот ангажман на Амбасадата на Република Македонија во Кралството Шведска, спроведен е заеднички студиски проект за тоа како Република Македонија може да ги унапреди односите со Шведска, не само преку државната дипломатија, туку и преку јавната дипломатија. Овие студиски истражувања се презентирани на академската и пошироката јавност во Шведска и се извор на натамошни академски истражувања. 

Деканот на Школата, г-ѓа Мариа Фрасли Хенигсон, информираше дека Стокхолмскиот универзитет е една од најдобрите високообразовни институции во светот и оттука се излезени многу познати шведски политичари, високи државни функционери и бизнисмени.

Во текот на дискусијата, беа разменети видувања за потребата од поблиска соработка со економско-образовните институции во Република Македонија и за развивање на можностите за размена на професорски и друг стручен кадар и студенти, особено преку проектите Еразмус +, со кои Стокхолмскиот универзитет е поврзан со повеќе универзитети од балканските држави.

Click