Собраниско раководство

Петок, 1 декември 2017 година

Протоколарна средба на претседателот Џафери и Н.Е. Ласло Иштван Дукс, амбасадор на Унгарија во Република Македонија

Претседателот на Собрание на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, г. Иштван Дукс. 

За време на средбата, соговорниците разменија мислења во однос на билатералната и мултилатералната соработка помеѓу двете земји, при што амбасадорот Дукс истакна дека Унгарија е силен поддржувач на Република Македонија на патот кон евроатланските интеграции.

Амбасадорот Дукс, исто така, се заблагодари за несебичната соработка на Република Македонија во однос на затворањето на балканската мигрантска рута, каде Унгарија дава свој придонес во контролирањето на границата со нашиот јужен сосед. 

Претседателот на Собранието, г. Џафери, истакна дека односите помеѓу Република Македонија и Унгарија, како на билатерален, така и на мултилатерален план, се одлични, што преставува цврста основа за зајакнување на економската соработка. Добрите односи, отсуството на отворени прашања и подобрувањето на правната рамка, придонесуваат во зголемувањето на унгарските инвестиции во Република Македонија.  

На крајот од средбата, претседателот Џафери уште еднаш ја реафирмираше отворената покана до својот унгарски колега, г. Ласло Ковер, за официјална посета на Република Македонија.      

Click