Собраниско раководство

Четврток, 1 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери и комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Мужниекс

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Мужниекс, кој е во работна посета на Република Македонија. 

Претседателот Џафери, на почетокот на средбата, му посака добредојде на комесарот во законодавниот дом и потоа продолжи со информирање за актуелната ситуација и активностите на Собранието во однос на измените и дополнувањата на закони поврзани со заштитата на човековите права и почитувањето на различностите, согласно меѓународно признаените стандарди и практики. Претседателот на Собранието го истакна фактот дека законодавниот дом, преку годишниот извештај на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, го следи извршувањето на истите. 

Комесарот Мужниекс се заблагодари за исцрпните појаснувања дадени од страна на претседателот Џафери, при што позитивно ги оцени активностите на законодавниот дом во однос на имплементација на препораките од Советот на Европа. Подобрувањето на легислативата во доменот на човековите права, особено преку законските измени во доменот на дискриминацијата и надлежностите на народниот правобранител, се од суштинско значење за подобрување на реализацијата на човековите права во време на демократски развој на земјата. 

Собранието на Република Македонија е отворено за секоја соработка и е подготвено и понатаму да работи на усогласување на законска регулатива со препораките што доаѓаат од Советот на Европа.

Click