Собраниско раководство

Понеделник, 27 ноември 2017, Стокхолм

Средба на претседателот Џафери и собраниска делегација со г-ѓа Маргот Валстром, министер за надворешни работи на Кралството Шведска

Денес, во рамките на Програмата, беше остварена средба со министерката за надворешни работи, г-ѓа Маргот Валстром. Претседателот Џафери го поздрави неодамнешното потпишување на Декларацијата за соработка меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, со која се реафирмира поддршката за нашите стратешки приоритети и се дефинираат конкретни области од заемен интерес на билатерален и на мултилатерален план. Истовремено, г. Џафери се заблагодари на донесувањето на Одлуката на Владата на Кралството Шведска за ревидирање на стратегијата за помош на земјите од Западен Балкан (СИДА), со која ќе се даде значителен поттик кон демократизација на повеќе области од државен и поширок општествен интерес.

Претседателот на Собранието изрази благодарност на поддршката за спроведување на политиката за проширување на ЕУ, во една поширока рамка на безбедност, стабилност, демократија и владеење на правото во Европа и укажа дека наша цел е да доставиме конкретни резултати при имплементацијата на реформите, при што очекуваме од ЕУ следната година во Извештајот за Република Македонија да ја отстрани условеноста на препораката и да додели датум за отпочнување на  пристапни преговори.

Госпоѓа Валстром го информираше г. Џафери дека Кралството Шведска ги следи одблиску и со големо внимание случувањата во Република Македонија, особено по немилите настани во Собранието и го поздрави успешното одржување на локалните избори, со кои Република Македонија покажа подготвеност за стабилизација и демократизација на земјата. Притоа, ја истакна заложбата на Кралството Шведска, но и на сите земји - членки на ЕУ, и понатаму да даваат силна поддршка на реформските процеси согласно амбициозниот План 3-6-9 на Владата на Република Македонија и за ова беше поздравена посветеноста на Република Македонија во исполнување на реформските задачи и нејзината подготвеност за реализација на истите врз принципите на инклузивност и партнерство на сите политички и општествени фактори.

Соговорниците споделија видувања за сè уште актуелната мигрантска криза, за значењето на регионалната соработка која поттикнува и инспирира соработка во голем број области и има важна улога во стабилизирањето на регионот а Република Македонија е активно вклучена на сите нивоа. Се потенцираше значењето на негувањето и промовирањето на добрососедските односи како стратешка цел, градењето нов дух во односите, отворениот дијалог за справување со отворените прашања, градењето мостови на соработка врз основа на заемна доверба и почитување.

На средбата, г. Џафери и ја честиташе на г-ѓа Валстром наградата за родова еднаквост што ја доби од Агенцијата на ОН (UN Women), за нејзиниот посветен ангажман и големите достигнувања во борбата за родова еднаквост. 

Click