Собраниско раководство

Вторник, 28 ноември 2017 година, Стокхолм

Средба на претседателот Џафери и собраниска делегација со г. Урбан Алин, претседател на шведскиот Риксдаг

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и членовите на официјалната делегација, пратениците Фросина Ташевска-Ременски, Ејуп Алими и Фадил Зендели, се сретнаа со г. Урбан Алин, претседател на шведскиот Риксдаг.

На средбата присуствуваа и двајца пратеници од Шведскиот Риксдаг, г. Пири Ниеми од Социјалдемократската партија и г-ѓа Агнета Борјесон од Зелената партија. 

Беше изразено задоволство од високото ниво на билатералните односи и билатералната соработка меѓу Република Македонија и Кралството Шведска која се карактеризира со заемно разбирање и активна соработка. Посебен акцент беше ставен на неодамна потпишаната Декларација за соработка меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, со којашто се реафирмира поддршката за нашите стратешки приоритети и се дефинираат конкретни области од заеднички интерес на билатерален и на мултилатерален план, како и на Одлуката на Шведската влада за финансиска и проектна помош за земјите од регионот на Западен Балкан.

Притоа, г. Џафери посочи дека во интерес на двата парламента и на двете држави воопшто е интензивирање и јакнење на меѓусебната комуникација, што значително ќе придонесе кон збогатување на севкупните меѓусебни односи.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, го запозна својот хомолог со собраниските активности во претстојниот период кога од нас се очекува да покажеме конкретни резултати од имплементацијата на реформите зацртани во Планот 3-6-9. Тоа ќе ни даде за право да очекуваме од ЕУ да ја отстрани условеноста на препораката за започнување на пристапните преговори.

Претседателот на шведскиот Риксдаг, г. Алин, го поздрави успешното одржување на парламентарните избори минатата година, како и изборот на господинот Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија. Кралството Шведска беше меѓу првите земји што го направи тоа, а Шведскиот парламент и претседателот на Парламентот го препознаа моментот на демократската транзиција на државата и упатија покана за реализација на оваа посета за која веруваат дека значително ќе се рефлектира во јакнењето на меѓусебните односи, но и во понатамошната искрена и силна поддршка на евроатланските интеграции на Република Македонија.

Претседателот на Собранието ги запозна соговорниците со позитивниот исчекор во развојот на добрососедските односи, односно потпишувањето на Договорот со Република Бугарија, чија ратификација се очекува до крајот на оваа година, како и интензивирањето на контактите меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција. Овие позитивни иницијативи се поздравени од меѓународните партнери и претставуваат поттик за натамошно градење на силна регионална соработка.

Притоа, г. Алин потенцираше дека само просперитетни држави имаат просперитетни соседи, кои заеднички се помагаат и поддржуваат. Затоа, Шведска дава силна поддршка на овие иницијативи за кои верува дека ќе доведат до крупни и позитивни чекори на планот на интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО за доброто на сите граѓани на Република Македонија.

На средбата беа разменети видувања за повеќе актуелни прашања, како реформата на одбранбениот сектор, која се очекува да заврши во мај следната година, економските реформи на планот на подигање на стандардот на граѓаните преку воведување на минимална плата, донесувањето на законот за урбано зеленило со кој Република Македонија ќе направи силен исчекор во заштитата на човековата околина и подигање на еколошката свест, како и за други прашања од заемен интерес. Во тој контекст, г. Џафери ја потврди подготвеноста на Република Македонија да даде поддршка на кандидатурата на Шведска за член во Советот на Меѓународната поморска организација (IMO) на реципрочна и пријателска основа.

Соговорниците истакнаа дека поинтензивната соработка меѓу двата парламенти ќе придонесе да се зајакне шведската поддршка на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија, поддршка која изминативе децении била континуирана, јасна и недвосмислена и која секогаш оди во насока на спроведување на политиката за проширување на ЕУ во една поширока рамка на безбедност, стабилност, демократија и владеење на правото во Европа.

Двајцата претседатели споделија заемни уверувања и очекувања дека билатералната соработка меѓу двата Парламента ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо, со што пратениците од двата Парламента ќе имаат можност одблизу да разменуваат мислења и искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања.  

Click