Собраниско раководство

Петок, 27 октомври 2017 година, Будимпешта

Средба на претседателот Џафери со г. Грамоз Ручи, претседател на Парламентот на Република Албанија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, во рамките на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, што се одржува во Будимпешта, се сретна со г. Грамоз Ручи, претседателот на Парламентот на Република Албанија.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на билатералните односи меѓу двете земји и изразија очекување дека парламентарната соработка, како најлесен начин на соработка меѓу земјите, ќе продолжи да се унапредува и интензивира, како на ниво на пратенички групи за соработка, така и меѓу парламентарните комисии, при што, претседателот на Собранието на Република Албанија, ја повтори поканата за посета од страна на претседателот Џафери на Република Албанија. 

Во текот на средбата, соговорниците се согласија дека со формирањето на новите влади во двете земји, се отвораат нови можности за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји, на сите полиња, особено на полето на економската соработка, којашто граѓаните во реалноста и најмногу ја чувствуваат. 

Во тој контекст, господинот Џафери ги нагласи напорите на новата Влада на Република Македонија во насока на градење на добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, а особено важноста што ја придава на добрите и пријателски односи со Република Албанија. 

Од особено значење е и усогласеното делување во остварувањето на заеднички интереси во областа на надворешната политика, во однос на интеграцијата во ЕУ и НАТО, како и регионалната соработка. 

На крајот на средбата, двајцата соговорници го поздравија донесувањето на законот за малцинства, усвоен од страна на Парламентот на Република Албанија. Воедно, претседателите споделија и заемно уверување и очекување дека билатералната соработка меѓу двата парламента ќе продолжи и во иднина, со уште поинтензивно темпо, со што двата парламента ќе имаат можност одблизу да разменуваат мислења и искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања.  

Click