Собраниско раководство

Понеделник, 31 декември 2018 година

Новогодишна порака на претседателот Џафери  

Почитувани сограѓани,

Драги пријатели,

Во предвечерието на испраќањето на старата година и дочекот на Новата 2019 година, би сакал со вас да споделам некои свои видувања и размислувања за годината која заминува и за она што ќе ни донесе новата 2019 година. 2018 година беше тешка година за сите нас, беше година на пресвртница, година на постигнување на Договори кои се чинеа невозможна мисија, година на донесување историски одлуки кои ќе влијаат врз текот на развојот на нашата држава, а со тоа и на перспективата на нашиот народ и младина, беше година на несекојдневни предизвици и искушенија. Потребна беше визија, стратегија и пред сѐ и над сѐ, потребна беше храброст да се истрае докрај. Лично, мислам дека најголем успех во годинава која завршува е започнувањето на процесот на надминување на општествената поделеност, и тоа по повеќе основи, од политичка па се до етничка. Тоа е процес кој го започнавме овде, во Собранието и за кој свој придонес дадоа сите политички парламентарни партии но, и другите општествени субјекти од невладиниот сектор,стручната и експертската јавност, и секако вие, граѓаните. Секако, имавме добри денови, но имавме и не толку добри денови, сепак, мислам дека успеавме и убеден сум дека и понатаму ќе продолжиме да бидеме во служба на доброто на нашите граѓани. 

Почитувани сограѓани,

Со потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, нашата држава после 25 години успеа да ја симне блокадата за остварувањето на нашата стратешка определба, членство во НАТО и ЕУ. Во тек е процесот на заокружување на фазите од Преспанскиот договор и јас, искрено очекувам дека до средината на јануари ќе ги усвоиме уставните промени. Со ова очекуваме до крајот на идната година а најдоцна до почетокот на 2020 година да станеме полноправна членка на НАТО.

Сакам да истакнам дека и во Новата Година, во законодавниот дом акцентот ќе биде ставен на нашите евроатлански интеграции и на потребните реформи кои ќе создадат услови за побрзо да станеме членка на ЕУ. Секако дека и во идната година, вие - граѓаните, вашите права и слободи, вашиот економски и социјален статус ќе бидат приоритет број еден. 

Почитувани граѓани,
Бидете здрави и живи, 
бидете среќни и задоволни дома со најблиските,
бидете задоволни и успешни на работен план,
бидете брилијантни ученици и студенти,
и нека Новата 2019 година биде среќна, бериќетна и навистина историска за сите нас!


Click