Собраниско раководство

Вторник, 28 мај 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на Националниот форум на Цивика мобилитас за соработка меѓу Собранието и граѓанските организации

Почитувани колеги,
Ваши екселенции,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,
Дами и господа,

На самиот почеток, сакам да го изразам моето задоволство што учествувам на овој настан. Подготвувајќи се за денешнава конференција, се потсетив на едно мое претходно обраќање на слична тема пред две години. Дозволете да цитирам само еден мал дел: „Кога ќе се спомне парламентарната демократија, се мисли на работењето и функционирањето на Собранието. Меѓутоа, исто така верувам дека сите ќе се согласиме дека парламентарната демократија е неделив процес и мора да биде сеприсутна, како во сите три гранки на власта, така и во општеството во целост. Односно, не можеме да зборуваме за демократија во Собранието, ако имаме најблаго речено, отуѓена извршна власт. Во исто време, не можеме да зборуваме за парламентарна демократија, ако немаме владеење на правото, функционална правна држава и секако, транспарентност и отчетност. И на крајот, не можеме да зборуваме за парламентарна демократија, без вклученост на невладиниот сектор, експертската јавност и граѓанинот како поединец“, крај на цитат.

Како што веќе реков, ова е кажано пред две години во период кога, и како општество, и како институција, почнавме да излегуваме од една сериозна криза. Денеска, ќе треба сите заедно да одговориме на поставената тема „Каква е соработката на Собранието со невладините организации?“

Да не заборавиме дека граѓанското општество, преку невладините организации, од една страна мобилизира многу поширок круг на граѓани кои сакаат да партиципираат во креирањето и водењето на јавните политики во кои се инкорпорирани нивните интереси. Понатаму, самите невладини организации се многу помобилни и, ја немаат онаа класична партиска организираност која во недоволно развиените демократски општества ја гуши иницијативноста, па ако сакате и креативноста на членството, на сметка на отуѓените политички елити.

Почитувани пријатели,

Во овие две години, без лажна скромност, сакам да истакнам дека имаме направено не само квантитативен, туку уште поважен, квалитативен напредок во однос на тоа што го подразбираме под поимот „Отворен парламент и соработка со невладиниот сектор“. Фактот дека минатата година над 6 илјади граѓани влегле и го разгледале Собранието, зборува за солиден квантитативен напредок. Понатаму, организирани се повеќе еднодневни и дводневни семинари со средношколци и студенти на кои младите се запознаваат со, јас би рекол абецедата на парламентарната демократија и функционирањето на парламентот.

Ќе го спомнам проектот „Имам свој став“, понатаму, регионалната конференција посветена на Мигрантската криза, на која учествуваа претставници на невладиниот сектор од целиот регион. Сето ова зборува дека, како Собрание сме на вистинскиот пат, односно процесот на јакнење и надградување на парламентарната демократија го имплементираме преку поголема отвореност, транспарентност  и вклученост на невладините организации, експертската и стручната јавност, но и граѓанинот како поединец.

Исто така надзорните расправи, кои претставуваат еден од столбовите на современата парламентарна демократија. Во нив се сѐ повеќе присутни невладините организации, кои знаат многу прецизно и во исто време критично, не само да ги согледаат проблемите и недостатоците, туку и да понудат соодветни креативни решенија.

Понатаму, сакам да посетам на неодамнешниот избор на таканаречената Антикорупциска комисија, која како што знаете деновиве е доста активна и актуелна. Во нејзиниот избор, во целост беше вклучен невладиниот сектор и мислам дека, за прв пат кај нас невладиниот сектор, ако може така да кажам, целиот процес го издигна над она фолклорно, меѓупартиско договарање.

Дами и господа,

Денешниов настан, во исто време е и добра прилика уште еднаш сите заедно да изразиме благодарност до нашите меѓународни пријатели, кои материјално, но пред сè со нивни експерти ни помогнаа во постигнување на овие резултати. Тука, морам да ја истакнам Швајцарската Амбасада и секако Нејзината Екселенција Амбасадорката Сибил Сутер Тејада, Вестминстер фондацијата за демократија, НДИ и други.

Секако, овие позитивни трендови не значат дека сега сме ја постигнале целта и дека тука треба да застанеме. Патем, парламентарната демократија постојано треба да се развива и надградува. Напротив, овие позитивни трендови треба да не мотивираат сите, тука мислам како на парламентот така и на извршната власт и, секако на невладините организации и граѓаните, уште поактивно да се ангажираме во остварувањето на нашите стратешки цели, во остварувањето на интересите и потребите на граѓаните. Собранието, во овој мандатен состав покажа дека е отворено за секоја иницијатива која доаѓа од граѓанскиот сектор. Можеби имаме потреба од поефикасно канализирање на тие предлози и иницијативи, како и нивна имплементација. Верувам дека, денешниов настан ќе даде не само критички забелешки каде сите грешиме, туку и конкретни предлози за тоа како Собранието да го приближиме уште поблиску до граѓаните, до нивните иницијативи, прашања и проблеми. И со ова размислување на крајот, сакам на сите да ви посакам успешна и плодна работа!

Ви благодарам на вниманието.

Click