Собраниско раководство

Понеделник, 6 мај 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на отворањето на петтата едиција на Европската недела „Денот на Европа“, организирана од Институтот за меѓународни и политички студии, во општина Чаир

Почитуван министер Адеми, 
Почитуван градоначалник Ганиу, 
Директоре Села,
Почитувани професори,
Амбасадор Станила,
Драги студенти,
Дами и господа,

Толку често, може да се каже и на секојдневна основа, сите носители на јавни функции и политички субјекти, вклучително и јас самиот ја споменуваме Европската унија и интеграцијата на Република Северна Македонија во истата. Тоа е така бидејќи стремежот за Европската унија е всушност стремеж за подобар квалитет на животот на сите граѓани во нашата држава. И денес пред вас ќе се обратам на оваа тема меѓутоа, сега од една поинаква, идеалистичка гледна точка. Причината за оваа перспектива е затоа што меѓу вас почитувани има студенти а студентите ги движат идеите. Вас ве краси чистиот поглед, искреноста во намерата и младоста која покрај многуте други лични одлики ви е заедничка одлика и движечка сила.

Пред да ја глорифицираме мобилноста, отворениот пазар и економските можности на Европската унија, мораме да ги почитуваме вредностите, затоа што од нив поаѓаме и на нив секогаш им се враќаме. При тоа мислам на, човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста пред законот, т.е. владеењето на правото и човековите права. Тие се вредностите кои треба да бидат вградени во едно здраво општество.

И денес, стоејќи овде пред вас ви порачувам „Во вас ја гледам иднината на земјата. Вие сте силата која ќе не води напред и која ќе ја продолжи битката за подобар живот. Нашето искуство нека ви биде водилка и бидете уверени дека ако овие вредности ви бидат столбови, тогаш сте ја апсолвирале и Европската унија затоа што таа почива   токму на овие вредности кои се универзални вредности“. 

Со се уште непреболени трауматични искуства од војни, Европските држави се исправиле пред предизвикот преку формирањето на економска и политичка заедница да постигнат безбедност, мир и стабилност. Визионери од цела Европа и од многу области на општеството инспирирале и помогнале во создавањето на Унијата. Но тука не се застанало, затоа што секојдневно на патот се појавуваат нови предизвици, како за секоја држава поединечно така и за Унијата како заедница и којзнае, можеби помеѓу вас има некој нов Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Винстон Черчил, Алтиеро Спинели, Симона Веил. Придонесот кој што го дава Унијата во светот е од огромно значење, за тоа сведочи и Нобеловата награда од 2012 година. 

Ние секојдневно се стремиме и работиме за да бидеме рамо до рамо и дел од Европското семејство. Ние припаѓаме на Европа, не само географски, туку и цивилизациски а и со целиот вложен труд и искрена желба го заслужуваме нашето место. Европските цели се и наши цели, а заедно ќе бидеме само подобри. Мир, благосостојба и еднаквост за граѓаните, безбедност и правда, економска и социјална соработка, одржлив развој, социјална инклузија, негување на богатства од и во културата, научен и технолошки развој е се она за коешто работиме, а за кое ни требаат нашите европски пријатели за да напредуваме. Европската унија и нејзините институции ја покажаа нивната поддршка и помош на Република Северна Македонија и за тоа сме бескрајно благодарни. 

На 9-ти мај традиционално се прославува и одбележува Денот на Европа. Како и години наназад така и оваа година со низа манифестации и настани симболично се прославува денот кога Роберт Шуман го претставил Предлогот за формирање на Европска заедница за јаглен и челик. Со Шумановата декларација започнува приказната за Европската унија.

Го одбележуваме овој ден, денот на единството и мирот на стариот континент на овој преубав начин, со читање на најдобрите есеи од областа на Европската унија. 

Продолжете да пишувате и да ги изразувате слободно вашите мисли, читајте и образувајте затоа што образованиот ум е светлото на патот. Трудете се и давајте се од себе за да напредувате, затоа што како рекол мудриот Черчил - Само континуираниот труд е клучот за отворање на нашиот потенцијал.

Click