Собраниско раководство

Петок, 23 ноември 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на промоцијата на публикацијата „Насоки за надзор над разузнавањето“, организирана од ДКАФ

Почитуван г. Ремилар,
Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции,
Претставници на цивилното општество,
Дами и господа,

Верувам дека сите што сме денес присутни овде на оваа промоција на публикацијата „Насоки за надзор на разузнавањето“, споделуваме исто чувство на задоволство бидејќи ова е прв производ на знаење по потпишувањето на Меморандумот за соработка, и ова е знак дека проектот оди добро. Оваа публикација или ако претпочитате прирачник, е создадена на иницијатива на Собранието на Република Македонија, поточно надлежните комисии, а изготвена е од страна на Центарот за демократска контрола на вооружените сили од Женева. Придонесот на повеќето странски и домашни експерти за оваа публикација е неизмерно вреден и во оваа пригода, сакам да изразам особена благодарност и до владите, односно надлежните министерства на Велика Британија и Холандија, кои финансиски ја поддржаа програмата за реформи на разузнавачкиот сектор, а се разбира во тие рамки и изготвувањето на оваа публикација. Секако дека мора да ја спомнам и г-ѓа Теодора Фуиор која е автор и уредник на овој прирачник.

Дами и господа,

Безбедноста и разузнавањето се сектори кои во природата на своето работење, доаѓаат во судир со човековите права и слободи меѓутоа, во исто време, иако можеби ќе звучи контрадикторно, овие сектори се и еден од столбовите на безбедноста и стабилноста на секоја држава. И, сега се наметнува прашањето, како да се надмине оваа противречност? Одговорот е многу едноставен, барем на прв поглед, а тоа е функционирање на правната држава. Меѓународните стандарди за заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото, налагаат работењето и овластувањата на овие служби да биде дефинирано со Закони кои се јасни и лесно разбирливи. Вториот услов е, развиена и ефикасна парламентарна контрола врз овие сектори. Затоа што, ако  немаме владеење на правото и ефикасна парламентарна контрола, овие сектори, наместо да ја гарантираат безбедноста на државата, можат да станат генератори на кризи. За жал, аферата со прислушувањето која пукна на почетокот на 2015 година потврди дека, без ефикасен парламентарен надзор врз безбедносните и разузнавачките системи, тие прераснуваат во значајна алатка на авторитарно владеење на тесна група луѓе, а во исто време, и за задоволување на нивните лукративни интереси. Нема да должам многу со ова, сега надлежноста е во рацете на судската власт и јас сум убеден дека судовите самостојно и суверено ќе пресудат за секого кој се огрешил од законот и кој ги злоупотребил овие системи. Сепак, судската разврска е само справување со последиците а не со причината. Затоа, нашите меѓународни пријатели јасно препорачаа дека се потребни коренити реформи во безбедносниот и разузнавачкиот сектор, со цел да се зајакне ефикасноста на контролата врз овие служби. И тоа, почнувајќи од внатрешната контрола која, барем формално ја има во надлежните министерства, потоа извршната власт односно Владата, а посебен акцент во препораките беше ставен на парламентарната контрола и независните експертски тела кои се надвор од парламентот. Во Собранието има три комисии кои се занимаваат со оваа проблематика, односно можат да вршат надзор врз безбедносните и разузнавачките служби. Тоа се, Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над имплементацијата на специјалната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција Царинската управа и Министерството за одбрана. Следејќи ги европските практики и препораки, со последните две комисии претседава претставник од опозицијата. Новиот Закон за следење на комуникациите, кој го донесовме во 2018 година има неколку новини, меѓутоа пред тоа морам да истакнам еден друг, според мене многу важен аспект а тоа е максималната конструктивност и придонесот на опозицијата во процесот на донесување на овој закон, кој што беше донесен со висок степен на консензус. Во однос на новините во законот, првата е формирањето на Граѓанскиот совет за надзор, тело кое е надвор од парламентот но кое во својата работа е тесно поврзано со Собранието, особено со веќе спомнатата Комисија за следење на комуникациите. Новина е и фактот што сега, секој граѓанин кој се сомнева дека му се следи комуникацијата, може да поднесе претставка до Советот кој заедно со надлежната Комисија ќе треба да утврди дали имало прекршок. Понатаму, со овој Закон се формира и ОТА, односно Оперативно техничката агенција. Фактички, со ова тело се отстрануваат техничките можности на Управата за безбедност и контраразузнавање да врши следење на комуникациите, тоа ќе го прави ОТА и тоа исклучиво со судски налог.

Почитувани колеги и пријатели,

Оваа влада и ова парламентарно мнозинство успеаја да ја вратат Република Македонија на евроатланскиот колосек. Сега пред нас е многу одговорна и тешка работа, а тоа е спроведувањето реформи во многу подрачја, односно вистинско имплементирање на европските стандарди и принципи. Како што реков на почетокот, со помош на нашите меѓународни пријатели, но пред се со искажаната волја на сите нас кои сме дел од законодавната власт, направивме неколку позитивни чекори на тој евроатлански пат. Сакам да верувам дека опозицијата и во иднина, како што беше со овој пример, ќе покаже кооперативност и ќе ги надмине партиските интереси или пак интересите на поединците. Од друга страна, ве уверувам дека парламентарното мнозинство ќе остане отворено за конструктивен дијалог, ќе остане отворено за добри идеи и понудени решенија затоа што е јасно дека опозицијата не е само декор на парламентарната демократија, како што е јасно дека опозицијата исто така има одговорност за функционирањето на парламентарната демократија. Денес, со промоцијата на оваа публикација пред јавноста и пред нашите граѓани покажуваме дека сме направиле почетен, но квалитетен чекор во враќањето на довербата на граѓаните, како во институциите кои се надлежни за безбедноста и разузнавањето, така и во Собранието. Како што веќе реков,  современиот парламентаризам не подразбира  само носење на закони туку, уште поголем надзор врз нивната имплементација, а особено кога станува збор за остварувањето, односно кршењето на човековите права.

На крај, би сакал денешниот настан, кој е резултат на собраниската иницијатива и соработка со нашите меѓународни пријатели,  експертската јавност и невладиниот сектор, да го следат и другите собраниски тела, кога станува збор за нивните надлежности, за да можеме многу побрзо и поефикасно да се движиме по евроатланскиот колосек кој не води во целосна интеграција во НАТО и ЕУ. Тоа е наша обврска пред граѓаните кои не избрале и веруваат во нас.

Ви благодарам.

Click