Собраниско раководство

Среда, 29 мај 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на Специјалниот семинар за Република Северна Македонија на тема „Следните чекори кон НАТО“ 

Почитувани колеги,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете ми на почетокот да ви посакам добредојде во нашиот законодавен дом и да изразам задоволство што денес сум дел од овој Специјален семинар за Република Северна Македонија на тема „Следните  чекори кон НАТО“. Дозволете исто така да го поздравам присуството на директорот и заменикот директор на Центарот Џорџ Маршал и присуството на почитуваните амбасадори. Денешниов настан е јасен индикатор дека споделуваме иста цел и исти вредности, а тоа е веќе јасно видливото постигнување на полноправното членство во НАТО, а основните вредности во кои веруваме се мир, стабилност, борба против секој вид на тероризам, владеење на правото, почитување на човековите права и слободи и јакнење на демократските процеси.

Почитувани пријатели,

Ги спомнав овие вредности и стандарди бидејќи токму тоа се и вредностите и стандардите на НАТО Алијансата. Имено, сите знаеме дека НАТО не е само воен сојуз, туку за да се стане членка на НАТО, мора да се споделуваат и имплементираат  сите овие вредности и стандарди. Во оваа пригода, посебно сакам да истакнам дека процесот на ратификација на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО оди со добра динамика, во јуни очекуваме американскиот Сенат да го ратификува протоколот и јас сум сигурен дека уште оваа година, ние и формално ќе станеме полноправна членка на НАТО Алијансата. Односно, на самитот на НАТО во Лондон во декември, знамето на Република Северна Македонија ќе се виори на јарболот заедно со другите знамиња на членките на алијансата како триесетта членка.

Со тоа една од нашите две стратешки определби, односно членството во НАТО и ЕУ е остварена, а јас се надевам дека годинава ќе ги започнеме и преговорите за интеграција во ЕУ. Нема да зборувам за бенефитите што како држава и како општество ќе ги имаме со нашето членство во НАТО, бидејќи за тоа е зборувано многу. Сакам да истакнам дека, со нашето членство во НАТО, не завршуваат нашите „домашни задачи“. Напротив, полноправното членство во НАТО налага исто така многу работа, дома, во регионот, а и во структурите на НАТО алијансата. Сега нема да се задржам на одбранбениот систем, а во тие рамки и на нашата Армија, иако таа проблематика ми е блиска, имајќи го предвид моето воено образование, мојата офицерска кариера и должноста на министер за одбрана.

Ќе се задржам на цивилниот дел, и во тие рамки на улогата на Собранието. Реформите кои ги имаме започнато и кои ги опфаќаат речиси сите сегменти од општествениот живот, мора да продолжат. Како што знаете, не чекаат реформи во правосудството, во државната администрација, безбедносниот систем и така натаму. Сите овие реформи поминуваат во Собранието преку законодавниот процес. Како Собрание, мораме и понатаму да работиме на јакнење на законодавниот процес преку негова поголема транспарентност, и вклучување на експертската јавност и невладиниот сектор. Но, со тоа не завршува улогата на Собранието. Имено, како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, ние мораме да ја зајакнеме надзорната улога преку која се гледа колку сите овие реформи се имплементирани во секојдневниот, реален живот на граѓаните, односно колку придонесуваат во вистинската функционалност на државните институции.  Притоа мислам и на безбедносните структури, како на полицијата така и на Армијата.

Да потсетам дека преку Парламентарното Собрание на НАТО, патем, неколку пати сме биле домаќини на Рос Рот семинарите, можеме од една страна да разменуваме искуства за многу прашања, но и да понудиме наши добри решенија за одредени прашања.

Живееме во регион во кој до само пред две децении се војуваше и во кој мораше да интервенира и НАТО Алијансата за да се воспостави мир. Денеска, својата иднина и како регион и секоја држава поединечно ја гледаме во Здружена Европа, и речиси сите земји од регионот се определени за членство во НАТО. Токму затоа, како држава мораме да продолжиме да даваме придонес во зачувувањето на таа стабилност и во развојот на евроатланската перспектива на регионот. Мислам дека, со Договорот за пријателство со Бугарија и со Договорот од Преспа со соседна Грција, не само што ги отворивме за нас вратите на НАТО и ЕУ, туку дадовме голем придонес и за евроатланската перспектива на целиот регион.

Дами и господа,

Мирот е неделива категорија, а и предизвиците кои можат тој мир да го нарушат се исто така сѐ повеќе неделиви. Војната во Сирија и воопшто нестабилноста на Блискиот исток предизвикаа огромен миграциски бран кој не засега сите нас и кој мораме заеднички да го решаваме. Слично е и со борбата против тероризмот, организираниот криминал и така натаму. Затоа ни е потребна многу поефикасна соработка помеѓу сите држави, не само во регионот, туку многу пошироко. Мислам дека тука можеме да имаме голема помош од НАТО, а пред сè од Северно Атлантскиот Совет кое е врховно политичко тело. И кога веќе го спомнав, да потсетам дека на почетокот на јуни во Скопје ни доаѓа Генералниот секретар на НАТО, почитуваниот Јенс Столтенберг и членовите на Северно Атлантскиот Совет. Знаете дека со ова  највисокото политичко тело на НАТО претседава Генералниот секретар кој ги носи и најважните одлуки. Понатаму, ги надгледува политичките и воените процеси поврзани со безбедносни и одбранбени прашања кои се однесуваат на целата Алијанса. Ги обединува претставниците од секоја земја - членка, за секое прашање кое бара колективна одлука и обезбедува форум за широки консултации меѓу членките, за сите прашања кои се однесуваат на мирот и безбедноста. Мислам дека ова прво доаѓање на Северно Атлантскиот совет, на чело со Генералниот секретар, не е само протоколарна или куртоазна посета, тука има пред сè суштинско значење кое се однесува на нашето идно делување како членка на НАТО. Верувам дека и денешниот семинар ќе даде многу конкретни насоки и идеи за нашите идни чекори во НАТО како рамноправна членка која е свесна за своите обврски кон Алијансата и кон сите нејзини членки. А како што реков на почетокот, Собранието било и останува во рамките на своите уставни надлежности да работи на процесите на евроатланските интеграции. Тоа им го должиме пред сѐ на нашите граѓани, тоа е наша обврска и кон идните генерации.

Ви благодарам на вниманието!

Click