Собраниско раководство

Понеделник, 28 мај 2018, Тирана 

Обраќање на претседателот Џафери на тема „Борба против насилниот екстремизам: Враќање на странските терористички борци“

Почитувани дами господа,

Процесите на глобализација, покрај многуте бенефити, носат и најразлични предизвици кои го загрозуваат пред сè светскиот мир. Станува збор за екстремни форми на радикализам кој најчесто се крие зад погрешно или извитоперено објаснување на одредена религија, а се манифестира преку тероризмот. Секако, една од најголемите закани сè уште доаѓа од формално поразената ИСИС. Ова за нашиот регион, но и за Европа претставува сериозен предизвик, бидејќи токму од нашите земји имаше борци во ИСИС кои денеска се вратени или се враќаат дома. Затоа е многу значаен начинот како ќе се справиме со овој радикализам. Пред сè е многу битна соработката помеѓу надлежните служби на секоја држава, кои преку размена на информации но и преку други форми на соработка, можат превентивно да делуваат кон некогашните борци на екстремно-радикалните групи кои сега се враќаат дома или, под плаштот на бегалската криза, се упатуваат кон најразлични европски дестинации. Таквата соработка, барем ние во Република Македонија ја квалификуваме како позитивно искуство за време на бегалската криза.

Факт е дека, во многу држави во регионот, учеството во туѓи воени или паравоени формации според домашното законодавство е кривично дело. Но, дали е доволна само казнената политика и законодавство за да може да се реши овој проблем? Во овој аспект, многу е поважен начинот на ресоцијализација на овие луѓе што се враќаат дома, односно, можноста од вклучување во општеството. Мислам дека тука, покрај одредените државни институции, многу важна улога има и невладиниот сектор кој преку соодветни програми и активности може да ја олесни реинтеграцијата на овие луѓе и нивните семејства, односно да ги претвори нив во одговорни членови на општеството. Секако, и тука не треба да отсуствува квалитетната соработка помеѓу државните институции и невладин сектор на регионално меѓутоа и пошироко ниво.

Дами и господа,
почитувани пријатели

Во секој случај, овој предизвик постои и е реален пред секој општествен и државен субјект. Мислам дека, како одговорни држави и одговорни политичари, мораме преку дијалог и соработка, од една страна да се заштитиме пред која било форма на радикален екстремизам меѓутоа, во исто време, да им помогнеме на тие луѓе кои ете, од најразлични причини скршнале од вистинскиот пат, да се вратат повторно на правиот пат – на патот на мирот и толеранцијата.  Токму затоа и  мотото на оваа наша заедничка средба е добрината кон ближните, бидејќи токму човештвото е една од највисоките глобални вредности.

Ви благодарам на вниманието!

Click