Собраниско раководство

Четврток, 22 ноември 2018 година 

Обраќање на претседателот Џафери по повод одбележувањето на 22 Ноември, Денот на азбуката 

Почитуван претседател Мета,
Претседател Тачи, 
Почитуван претседател на Влада, г. Зоран Заев,
Заменик-претседатели Османи, Шекеринска,
Почитувани претставници на судската власт,
Почитувани министри, 
Пратеници, 
Почитуван претседател Ахмети, 
Поглавари на верските заедници во Македонија,
Почитувани амбасадори, 
Гости и драги пријатели,
Дами и господа, 

Среќен сум и во исто време почестен што сум домаќин на оваа величествена вечер, кога одбележуваме 110-годишнина од Битолскиот конгрес, 110-годишнина од унифицирањето на албанската азбука и задоволство ми е да ве поздравам во својство на претседател на Собрание и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија, сите вас кои со вашето доаѓање ја зголемивте вредноста и значајноста на овој настан, и искажавте почит кон сонародниците и вашите сограѓани. 

Битолскиот конгрес, според прашања што се дискутираа и се решија и како еден од најшироките и најрепрезентативни собири според својот состав, бидејќи беше собран интелектуалниот потенцијал на Албанците од насекаде низ светот, со право се цени како најзначајниот национален собир во политичката и културната историја на Албанците во почетокот на XX век и неговите одлуки сочинуваат еден од значајните столбови кои помогнаа во издигнувањето на албанската култура и образование за едно скалило повисоко, меѓутоа и за понатамошна консолидација во насока на развојот и напредокот на Албанците. Поради оваа причина, ние немаме право да ги оставиме во заборав ентузијазмот, волјата, визијата, разумот и храброста на групата преродбеници од Здружението „Башкими“ од Битола, кои го свикаа Првиот генерален конгрес за дебатирање и усвојување на унифицираната азбука. И, не само тоа! Овој сеалбански собир беше и раскрсницата на која албанските интелектуалци, вперувајќи ги очите јасно кон запад, ја избраа насоката и својата цел. Започнатото патешествие не беше лесно и не беше секогаш успешно меѓутоа, едно знам, никогаш не отсуствуваше волјата, визионерството и храброста. 

И денес, по рамно 110 години сме тука, на овој настан што го одзема здивот, на кој што се слави азбуката, меѓутоа сега, во една нова реалност. Сме пораснале, сме созреале како општество, како држава, како регион и сега работите ги гледаме во една поинаква перспектива, со друг објектив. Дијапазонот е проширен и во него нема простор за бариери, за граници. Всушност, границите и бариерите се само во менталитетот на оние кои останале заглавени во тмурните ходници на едно минато време. Новите генерации, нашата младина, со волјата, со трудољубивоста, интелектот и знаењето што го поседува, граби напред со извонредни чекори и ние што сме актуелно на позиции да донесуваме одлуки значајни за иднината на државите, граѓаните, нашата младина и нашите деца  имаме обврска и морална должност ова да го овозможиме, да го олесниме за нивниот потенцијал, нивниот придонес за општеството, за државата и за регионот да се види, да се цени и да се ужива од сите. Затоа што, времињата се менуваат, се менува дискурсот, меѓутоа важно е една работа да биде иста и заедничка, а тоа е целта и тежнеењето каде сакаме да стигнеме, и тоа да стигнеме заедно, како нации, како држави, како регион. Иако сум сигурен дека на сите ни е јасно, повторно ќе речам, нашето полноправно интегрирање и интегрирањето на целиот регион во структурите на Европската Унија и НАТО се врзното ткиво на нашата држава со соседите, со регионот, со светот. Заради оваа причина, не се штеделе себеси сите политичари во земјата, меѓутоа и  политичарите од регионот, затоа денес сме тука каде што сме, односно, Македонија ги поминува последните километри пред полноправното членство во НАТО сојузот и почетокот на преговорите со Европската унија, Албанија е полноправна членка на НАТО со статус кандидат за членство во Европската унија додека пак Косово ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Ова уште еднаш потврдува дека регионот ги има надминато или пак ги надминува инаетите од минатото и се позиционира на полето на старите европски и светски цивилизации, таму каде што и географски припаѓа.

На крај, важно е сите да го впериме погледот во иста насока, или како што вели слоганот на оваа вечер: 

„За нас сонцето изгрева на запад“

Честит 22 ноември! 

Благодарам на вниманието.

Click