Собраниско раководство

Вторник, 15 јануари 2019 година

Прес-конференција на претседателот Талат Џафери

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери на денешната прес-конференција информираше за последните активности и постапки на Собранието.

Почитувани граѓани,
почитувани претставници на медиумите,

Дозволете да се обратам и преку оваа Конференција за печат да ве информирам за последните активности односно постапки, кои што се одвиваа во рамките на Собранието на Република Македонија, односно законодавниот дом,

Вашиот дом, почитувани граѓани!

Верувам дека веќе сте запознаени, сепак сакам тоа да го направам и вака, официјално, за да нема никакви дилеми. Вчера, јас, во својство на Претседател на Собранието, а во рамките на моите уставни надлежности, потпишав два Указа кои потоа, заедно со соодветните текстови ги испратив за објавување во Службен весник.

Првиот Указ е Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците, кој што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 14 март 2018 година и истиот стапува на сила со објавувањето  во Службен весник.

Вториот Указ е Указот за прогласување на Законот за Ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, кој што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 5 јули 2018 година и истиот стапува на сила со објавувањето во Службен весник.

И двата Указа ги доставив во Службен весник врз основа на Член 52 и Член 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, со дополнително објаснување на причините зошто Указот е потпишан само од моја страна.

Во продолжение на Прес конференцијата, следеа новинарски прашања и на првото поставено прашање во однос на тоа дали смета дека постапил надвор од постапките и процедурите пропишани во Уставот, претседателот Џафери потврди дека од почетокот на постапката за донесување на Законот за јазици, постапил во рамките на постапките и процедурите пропишани во Уставот и во Деловникот за работа на Собранието. Напротив, може да се смета дека е злоупотребена службената должност од страна на Претседателот на Републиката со непотпишувањето на Указот за Законот. Според членот 8 од Уставот, јасна е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Претседателот е дел од извршната власт и не може да се меша во делот на законодавната власт и да не ја исполнува својата обврска. Претседателот на Собранието нагласи дека не чувствува никаква одговорност за тоа што ги потпишал двата Укази и дека му дал доволно време на Претседателот на Републиката да ги потпише, една година од изгласувањето на Законот за јазиците и шест месеци од изгласувањето на Законот за ратификација на спогодбата.

Претседателот Џафери смета оти претседателот Иванов ги помешал лонците на крајот на својот мандат и дека законодавната власт е таа што може да побара одговорност од претседателот, а не обратно.

Запрашан за Законот за спречување на корупцијата и конфликт на интереси, претседателот одговори дека се прават напори да се хармонизираат одредбите од законот, роковите се кратки, но првата објава е надлежност на претседателот на Собранието и Законот може да се донесе во определениот рок со цел да се формира Комисијата за претседателските избори. Првичниот план е првиот круг од претседателските избори да се одржи на 14.април, а вториот на 28.април, меѓутоа, може поради празникот Велигден да се смени терминот, па изборите да се одржат на 21.април, односно вториот круг на 5.мај.  Во тој случај, изборите би се распишале на 8.февруари. 21.април би бил и датумот за одржување на предвремени локални избори во три општини каде актуелно има вршители на должност на градоначалник.

На прашањето за евентуални предвремени парламентарни избори, претседателот Талат Џафери одговори:

„Јас сум претседател на Собранието и не правам калкулации за предвремени парламентарни избори. Доколку пратениците донесат одлука да го распуштат Собранието, тоа е друго прашање. Мое мислење е дека е погрешна идејата кога сите очекуваме да завршат процедурите за прием во НАТО и за почеток на пристапните преговори во ЕУ да се разговара за предвремени парламентарни избори. Но, нивно право е како ќе одлучат“. 

Click