Собраниско раководство

Понеделник, 2 ноември 2020 година

206. Сесија на Управниот совет на ИПУ во виртуелен формат

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и пратеничките Дафина Стојаноска и Арбана Пашоли учествуваат на 206. Сесија на Управниот совет на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 1 до 4 ноември 2020 година во виртуелен формат. На сесијата  учествуваат по тројца парламентарци, членови на Управниот совет, од 145 земји членки на Унијата.

Пред членовите Управниот совет ќе бидат презентирани финансиските резултати на Интерпарламентарната унија, извештаите за активностите на работните тела и за одржаните настани, како и состојбата во одредени земји членки. Се очекува на Сесијата да бидат усвоени Буџетот и Програмата за работа на ИПУ за 2021 и одобрени идните меѓупарламентарни состаноци на Унијата. 

Во рамките на 206. Сесија на Управниот совет ќе биде избран нов претседател на Интерпарламентарната унија со далечинско гласање, преку електронски систем што гарантира тајност на гласањето, безбедност на платформата за гласање, идентификација и автентификација на корисниците, како и надзор на гласачкиот процес.

Досегашната претседателка на ИПУ, Габриела Куевас Барон, сенаторка од Мексико, во своето обраќање нагласи дека во извршувањето на оваа значајна функција се раководела од целите за продолжување на обврските кон климатските промени, родовата еднаквост, зајакнувањето на младите, состојбата со бегалците и миграцијата, како и промовирањето на мултилатерализмот и парламентарната дипломатија. „Моите должности како претседател на ИПУ во изминатите три години само ја зајакнаа мојата верба во парламентите, како институции што можат да го трансформираат животот на своите гласачи кон подобро. Ова е и причината зошто глобалното управување мора постојано да има парламентарна димензија. Само на тој начин, иницијативите на меѓународно ниво можат да се реализираат со опипливи придобивки за милиони луѓе и да се надминат заедничките предизвици со кои се соочуваме.“ – истакна Куевас Барон. 

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 179 национални парламенти и 13 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени и одржлив развој преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува.

 

Click