Собраниско раководство

Петок, 24 септември 2021 година

ДЕСЕТТИ СОСТАНОК НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Во организација на Собранието на Република Унгарија, денес се одржа Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа посветен на проширувањето. На состанокот учествуваа претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа и на земјите од Вишеградската група.

На Конференцијата свои излагања имаа премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархели и претседателот на Собранието на Унгарија, Ласло Ковер.

Премиерот Орбан ја посочи важноста на културната поврзаност и меморија на Унгарија со земјите од Балканот и меѓусебните врски кои се градени со децении. Според него, Балканот е портата на Европа, која претставува нераскинлив дел од европската куќа и од тие причини секое одложување на процесот на интеграција ќе претставува голема геостратешка грешка за Европа.

Комесарот Вархели јасно ја искажа недвосмислената поддршка на земјите од Вишеградската група за интеграција на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија, која што не е само економска, социјална и историска, туку и политичка реалност. Одржувањето на претстојниот самит на земјите од Западен Балкан и земјите членки на Европската унија е повеќе од потребно во овој момент и преземање конкретни чекори за иднината на овие земји, нагласи Вархели.

Во рамките на состанокот свои обраќања имаа претседателите на парламентите од Југоисточна Европа, вклучително и претседателот Талат Џафери.

На крајот од состанокот се усвои Заедничка изјава во која претседателите ја потврдија повторно својата заложба за проширување на Европската унија и за забрзување на процесот на интеграција заснован на систем на заслуги, отворање на процесот на преговори без понатамошни одложувања и забрзување на започнатиот процес на преговори. Учесниците ја поздравија новата методологија на проширувањето чија цел е подинамичен, покредибилен и попредвидлив пристапен процес и заложбите за надминување на отворените прашања преку дијалог. Од нивна страна, беше побарано вклучување на земјите од Југоисточна Европа во Конференцијата за иднината на Европа, како и поголема солидарност за справување со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 во земјите од Југоисточна Европа и поддршка на европските институции.

Изјавата ќе биде испратена до националните парламенти на земјите членки на Европската унија и до лидерите на европските институции. 

Click