Собраниско раководство

Петок, 17 декември 2021, Амфитеатар на Ректорат, Тетово  

Обраќање на Претседателот Џафери на Свечената академија по повод Одбележувањето на 27 годишнината од основањето на Универзитетот во Тетово

Почитуван ректор на Државниот универзитет во Тетово, проф.  Д-р  Решат Ќаили,
Почитувани гости,

Дами и господа,

Дозволете ми на почетокот на мојот говор да ве поздравам од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија сите Вас, присутни на оваа Свечена академија со која се одбележува 27-та годишнина од основањето на Државниот универзитет во Тетово, и да ви посакам прославување на уште многу други идни јубилеи, секогаш поуспешни и поплодни. И оваа година сме исправени пред здравствениот ризик од пандемијата со КОВИД-19, што значи, се уште се продолжува со  вонредните услови на функционирање на Универзитетот и продолжување на студентскиот живот за што искрено жалам меѓутоа, верувам и силно ве поддржувам, и почитуваниот академски кадар, и идните академски граѓани - драгите студенти, да се посветите со сета волја, сериозност и највисока одговорност, свесни дека сиот труд, ангажман, денови и ноќи поминати во подготовка на наставните часови, во присвојување на нови сознанија, откривање на нови научни достигнувања се најдобрата инвестиција во подобра, посигурна иднина и секако, предизвик кој што ќе ве подготви да се соочите со животот, да ги надминете тешкотиите и да им го смените правецот, претворајќи ги во добивка и предност за општата благосостојба. 

Почитувани,

Тетово, универзитетскиот град со толку голем студентски потенцијал каде енергијата, волјата, визијата и огнената желба за инвестирање во личното интелектуално усовршување се чувствува во секое катче, не смее да се измести од фокусот на професорите, на политичарите и локалната самоуправа. Сите ние што на кој било аспект имаме влијание врз образовната и професионалната подготовка на овие млади фиданки, треба да го направиме максимумот во нашето поле на делување, за да овозможиме оваа младешка енергија, да се канализира, да се ориентира и да се искористи на најдобриот можен начин, за доброто на студентите, на локалната средина меѓутоа и централната. Да придонесеме за да сакаат да останат тука, во татковината, тука да ја гледаат надежта и перспективата за исполнување на професионалните аспирации меѓутоа над се, на семејните, и јас сум убеден дека нивниот успех ќе биде најголемата награда за сите нас. 

Почитувани присутни,

Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде местото кое што постојано ќе има отворени врати за секој конструктивен придонес и ќе ги прави сите напори за донесување на најдобрите законски решенија во областа на образованието за нашите студенти и за домашните универзитети, за да фатат ист чекор со светските универзитети, водејќи сметка финансиската и кадровската независност на универзитетите да биде главниот патоказ за зачувување на универзитетската автономија. На овој начин, немам сомнеж дека Државниот универзитет во Тетово, неговиот академски кадар, ќе продолжи да произведува вредности и резултати кои ќе го позиционираат овој храм на знаењето на високиот пиедестал на академскиот свет.

Почитувани, честитки, и да се сретнеме на прославата на идните годишнини и успеси на Универзитетот во Тетово. 

Ви благодарам на вниманието! 

Click