Собраниско раководство

Вторник, 11 мај 2021

Претседателот Џафери се сретна со победниците на симулацијата „Имам став“

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со учениците и професор од Средното училиште „Кочо Рацин“ од Велес, победници на онлајн натпреварот „Имам став" – симулација на процесот на разгледување на предлог-закони во Собранието, на која учествуваа 10 училишта од различни градови.

Средбата ја одбележа непосредниот разговор, полн со размена на инфомации, љубопитноста на младите победници и желбата на претседателот да им пренесе знаење и животни мудрости.

Најпрвин претседателот им упати честитки за успехот на Марко Инѓилизов, Матеа Несторова и Емили Митревска, предводени од професорката Милка Петровски, кои оставија позитивен впечаток на бистри, образовани и вредни млади луѓе.

Претседателот им го потенцираше значењето на образованието и како тоа треба да ги формира како личности, како и дека желбата за знаење треба да им е голема и пред сѐ да го прават тоа за личниот напредок.

Тој искажа дека практичното искуство кое го стекнале во оваа пригода, ќе им придонесе многу, затоа што ќе добијат појасна слика за работата на Собранието и законодавните процеси.

Искажувајќи го своето жалење за тоа каков е ефектот на животот во пандемија за младите во последната година, претседателот изрази и оптимистични гледишта за извесното надминување на оваа состојба, а со тоа и враќање на поголемата слобода на движење на младите луѓе. Исто така, им потенцираше дека изминатата пандемиска година треба да им послужи како лекција за предизвиците кои може да ги донесе животот.

Претседателот им пренесе знаење на младите луѓе дека во своето однесување треба да гледаат подалеку, да го планираат животот и да се вложуваат во тој план, да бидат практични и да ги следат своите желби и својата визија за самите себе. Да го сакаат учењето и работата, затоа што само така, нивните квалитети ќе бидат препознаени.

Младите победници имаа интересни прашања за претседателот Џафери од областа на работата на Собранието, начинот на кој ги носи одлуките за работата на Собранието, одредени прашања од Деловникот, ги интересираше каков е неговиот работен ден, а ги интересираше и каков бил младиот Талат Џафери и каков бил неговиот животен пат кој го донел до местото на Претседател на Собранието, како и какви се неговите визии за иднината.

Со желби за напредок, многу успеси и можност еден ден да видиме некои од овие млади луѓе во собраниските клупи, претседателот им посака многу среќа. 

Click