Собраниско раководство

Понеделник, 20 септември 2021

Проштална средба на претседателот Џафери со амбасадорот Сера

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.

Во својот вовед, претседателот Џафери изрази благодарност за досегашниот ангажман на почитуваниот амбасадор, воедно посакувајќи му успех на личен и професионален план во неговите идни институционални должности. Тој ги поздрави континуираните и пријателски билатерални односи и соработка меѓу двете земји, кои за жал, заради пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 не ја задржаа предвидената динамика. Претседателот Џафери нагласи дека во иднина, од аспект на парламентарните односи, очекува поблиска соработка со шпанскиот парламент, а се разбира и соработка во сите други области од заемен интерес за двете земји.

Амбасадорот Сера исто така потврди дека пандемијата имаше влијание врз интензитетот на меѓусебната билатерална комуникација. Во продолжение, тој изрази благодарност за поддршката што Република Северна Македонија и ја дава на Владата на Кралството Шпанија во контекст на зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, преку почитување на Уставот и законите, како темелни принципи на правната држава. Амбасадорот Сера ја поздрави функционалноста на Собранието и застапеноста на различните политички партии кои, иако имаат различни гледишта по одредени прашања, сепак се конструктивни во своето делување. Тој ја повтори поддршката на Кралството Шпанија за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија.

Click