Собраниско раководство

Среда, 26 мај 2021 година

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Aбдрашов

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери се сретна со амбасадорот на Република Казахстан во Република Северна Македонија, Н.Е. Жанибек Абдрашов. 

Претседателот Џафери му посака топло добредојде на амбасадорот Абдрашов и во продолжение ја истакна како исклучителна досегашната соработка со казахстанската Амбасада, и изрази уверување дека истата ќе продолжи во иднина со уште поголема динамика. Тој ги реафирмираше придобивките од одличните и пријателски односи меѓу двете држави при што обрна особено внимание на парламентарната дипломатија во унапредување на билатералните и мултилатералните односи, политичкиот дијалог и димензирањето на севкупната соработка меѓу двете земји. Го информираше амбасадорот Абдрашов за формирањето за прв пат на Пратеничката група за соработка со Република Казакстан во Собранието на Република Северна Македонија, што е показател за нашата заинтересираност за јакнење на парламентарната соработка.

Претседателот Џафери, со особено задоволство му врачи на амбасадорот покана за претседателот на Мажилисот на Република Казакстан, г. Нурлан Нигматулин, со надеж дека истата ќе биде реализирана во најсоодветното време за двете страни. 

 

Амбасадорот Абдрашов се заблагодари на топлиот прием во домот на демократијата и истакна дека, односите меѓу Република Казахстан и Република Северна Македонија се пријателски. Накратко информираше за справувањето на Парламентот на Република Казакстан со предизвиците на пандемијата во изминатиот период и комплетираниот процес на вакцинирањето. Информираше и за потпишувањето на три клучни договори од правната сфера од страна на казахстанската Влада, а во однос на планот за потесна меѓупарламентарна соработка на ниво на Пратеничките групи за соработка која е од заемен интерес, изрази уверување дека таа ќе продолжи штом тоа го дозволат здравствените протоколи врзани за пандемијата со КОВИД-19. Неговата Екселенција подвлече дека неговата мисија ќе ја насочи кон зајакнувањето на економската соработка на двете земји, зголемувањето на трговската размена и иницирањето на инвестициски активности меѓу двете земји.

Соговорниците искажаа уверување дека идниот период ќе биде период на плодна билатерална соработка на повеќе нивоа, меѓутоа и соработка на мултилатерален план. 

Click