Собраниско раководство

Петок, 6 ноември 2020 година

Средба на претседателот Џафери со европратеникот Андреас Шидер

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, се сретна со претседателот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија, австрискиот пратеник г. Андреас Шидер.

На почетокот претседателот Џафери изрази длабоко сочуство за настаните од 2 ноември во Виена и ги осуди терористичките напади како акти на терор кои немаат ниту нација ниту вера. 

Истакнувајќи дека Европскиот парламент посветува големо внимание на проширувањето и на зајакнувањето на односите со земјите од Западен Балкан, Џафери се заблагодари и за личниот придонес на г. Шидер, како копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија и учесник во Дијалогот Жан Моне. Тој изрази надеж дека плодниот и контруктивен меѓупарламентарен дијалог ќе се рестартира веднаш штом ќе биде конституирана делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет во Собранието на РСМ.

Европратеникот Шидер изрази надеж дека соработката меѓу Европскиот парламент и во рамките на Мешовитиот парламентарен комитет и во рамките на Дијалогот Жан Моне ќе продолжат и со членовите на новиот состав на Собранието. 

Двајцата соговорници разменија мислења и за оценките содржани во Извештајот на Европската комисија за земјата објавен минатиот месец, во кој се нотира постигнат напредок за време на извештајниот период, како и за реформската агенда со идентификуваните области на кои треба повеќе да се работи. 

Во однос на работата на законодавните домови во услови на пандемијата со Ковид 19, соговорниците се согласија дека физичкото присуство во работата е приоритетно, но во овие вонредни околности мора да се обезбеди и континуирана работа на парламентите а за тоа треба да се разгледаат можностите и за онлајн учество на оние пратеници кои нема да можат физички да присуствуваат поради вирусот. 

Во врска со Берлинскиот процес, пратеникот Шидер го поздрави заедничкото претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија и изрази уверување дека ќе се направат напори за надминување на разликите за отворените прашања на двете земји и ќе се успее во време на германското претстедателство со Советот на ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција во декември оваа година. 

Click