Собраниско раководство

Вторник, 10 ноември 2020

Средба на претседателот Џафери со францускиот амбасадор Бомгартнер

Денеска претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, го прими во прва официјална посета новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер.

Претседателот Џафери, посакувајќи му топло добредојде на амбасадорот Бомгартнер, ја потенцираше како исклучителна досегашната соработка со претходниот амбасадор и со француската Амбасада, и искажа надеж дека истата ќе продолжи и во иднина со уште поголема динамика. Претседателот даде краток осврт на соработката меѓу двата парламента, со акцент на минатогодишните средби на парламентарците од двете собранија, при што истакна дека се очекуваат и возвратни посети, штом се формира Групата за соработка со Парламентот на Франција и кога тоа ќе го дозволат здравствените услови. Го информираше амбасадорот за новоформираните Секција и Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонија, кои и понатаму ќе го даваат својот препознаен придонес кон натамошна промоција на франкофонските вредности.

Воедно, претседателот го информираше амбасадорот за актуелните случувања на планот на европската перспектива на земјата, очекувањата од најавените состаноци на највисоките европски институции, како и поддршката на Франција и останатите земји-членки на напорите за отпочнување на меѓувладината конференција со нашата земја кон крајот на оваа година.

Амбасадорот Бомгартнер ја реафирмираше поддршката на Француската Република на нашата земја во европската перспектива и изрази особена пофалба за високиот професионализам во работата на Собранието на Република Северна Македонија, нешто што високо се цени. Изрази очекување дека, билатералната соработка меѓу двете држави, вклучително и парламентарната соработка, ќе добијат на динамика и интензитет, при што ја акцентираше можноста за збогатување на традиционалните теми на дискусија, со фокус на регионалната соработка и глобалните предизвици. Во однос на процесот на европската интеграција, амбасадорот Бомгартнер истакна дека преговарачката рамка всушност ќе ја рефлектира новата методологија на Европската унија, со што се очекува освежена динамика во односите со земјите-кандидати и мобилизација на сите домашни институционални капацитети.

Соговорниците искажаа уверувања за натамошна взаемна поддршка на мултилатерален план, особено во работата на меѓународните парламентарни собранија преку постојаните делегации. Беше констатирана и заложбата за натамошен развој на економската соработка, потоа соработка во образованието, културата, продлабочување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.

Click