Собраниско раководство

Вторник, 21 декември 2021

Средба на претседателот Џафери со Мустафа Шентоп

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Мустафа Шентоп, Претседател на Големото национално собрание на Република Турција, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија со група пратеници.

На средбата присуствуваа и Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, Бејџан Иљас, претседател на Пратеничката група за соработка на Парламентот на Република Турција, Никола Мицевски, Игор Јанушев, Енес Ибрахим, Мерита Колчи-Коџаџику, Зеќир Рамчиловиќ и Хусни Исмаили, членови на Групата и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието.

Двајцата претседатели на парламенти изразија задоволство од повторната средба која се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик и која преставува потврда дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција се одвиваат во духот на меѓусебно разбирање, блиско пријателство, партнерство и активна соработка во бројни полиња од заемен интерес. Џафери и Шентоп оценија дека, одржувањето на интензивна комуникација на високо ниво, силно придонесува за унапредување на севкупните билатерални односи, а добрите и пријателски односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка.

Претседателот Џафери се осврна на успешната соработка меѓу Северна Македонија и Турција во НАТО, сега веќе како две рамноправни членки. Тој изрази задоволство што договорната состојба меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, со 100 билатерални договори и документи ги опфаќа сите полиња на заеднички интерес. Џафери го нагласи интересот за натамошно унапредување на економската соработка и поттикнување на турски инвестиции во земјава и оцени дека соработката меѓу Северна Македонија и Турција во полето на одбраната, внатрешните работи, културата, здравството, туризмот, трудот и социјалната политика е мошне успешна и ја карактеризира позитивен тренд и континуитет.

Во однос на пандемијата со КОВИД-19, Претседателот Џафери изрази задоволство што Турција ја потенцира потребата за меѓународната соработка и глобална солидарност, истовремо изразувајќи благодарност за турските донации кои беа од голема полза за  земјава во справување со пандемијата.

Претседателот на Големото национално собрание на Република  Турција, Мустафа Шентоп, истакна дека Република Турција ја подржува Република Северна Македонија на сите полиња и изрази задоволство што економските односи меѓу двете земји се развиваат по нагорна линија, со зголемување на трговската размена од 46%. Тој нагласи дека Турција останува силен подржувач на интегрирањето на Република Северна Македонија во Европската унија и оцени дека билатералните прашања не треба да преставуваат пречка за членството во мултилатералните организации. Истовремо, Шентоп изрази надеж дека несоглувањата со Бугарија ќе бидат надминати во најскоро време и Северна Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ. Претседателот Шентоп истакна дека турската заедница во Република Северна Македонија е од големо значење за Република Турција, која обрнува особено внимание на доброто образование на турски јазик во земјава.

Претседателите Џафери и Шентоп разменија информации за актуелните состојби во двете земји и изразија уверување дека долгогодишното партнерство и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес и натаму ќе се унапредува. Истовремено, тие се заложија за натамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Големото национално собрание на Република  Турција.

Click