Собраниско раководство

Вторник, 11 мај 2021

Средба на претседателот Џафери со министерот Метнар

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со министерот за одбрана на Чешката Република  г. Лубомир Метнар. На средбата, претседателот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од Чешката Република за нашите евроатлански и европски интеграции.

Тој искажа задоволство што г. Метнар ја посетува Република Северна Македонија во својство на земја членка на НАТО. Истакна дека неговата презентација за безбедноста пред пратениците е соодветна и ќе придонесе за натамошното зајакнување на улогата на комисиите и на Собранието во целина, како и за натамошното демократизирање на нашето општество. Воедно, изрази благодарност што Вишеградската група е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западниот Балкан за добивање на членство во ЕУ.

Претседателот Џафери информираше дека во Собранието веќе е формирана Пратеничка група за соработка со Парламентот на Чешка и дека смета дека парламентарната димензија секогаш може да помогне во јакнењето на соработката помеѓу две земји во сите области.

Министерот за одбрана, г. Љубомир Метнар истакна дека Република Северна Македонија е многу значаен партнер за Чешката Република и дека ќе продолжат да ја поддржуваат земјава во процесот на зачленување во Европската унија. Смета дека Западниот Балкан претставува долготраен надворешен политички приоритет за Чешка. Тој нагласи дека членството на Република Северна Македонија во Алијансата на НАТО ја зајакнува стабилноста во целиот регион.

Понатаму, тој го потенцираше значењето на добрата соработка меѓу законодавната и извршната власт во државите, како и доброто спроведување на постапките за јавни набавки во областа на одбраната. Посочи дека соработката во областа на одбраната и безбедноста меѓу двете земји треба да продолжи, при што понуди експертизи и искуства од нивното дваесетгодишно членство во НАТО Алијансата.

Соговорниците се согласија дека активната соработка меѓу двете држави е особено видлива и е поврзана со мигрантската криза кога Чешката Република, во функција на успешен надзор, контрола и заштита на нашата државна граница кон Грција и заради спречување на илегален премин на мигранти, испрати чешки полициски службеници да вршат заеднички активности со нашите полициски сили.       

Двајцата соговорници изразија надеж дека соработката  меѓу двете држави ќе продолжи во иднина во уште многу други области како што се науката, образованието, одбраната, здравството, културата и други. 

Click