Собраниско раководство

Петок, 5 ноември 2021

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО МИНИСТЕРОТ ПЕЛЕШИ

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари билатерална средба со министерот за одбрана на Република Албанија. г. Нико Пелеши.

На средбата, Претседателот Џафери истакна дека двете земји ги врзува искрено пријателство и соработка кое во иднина се очекува уште повеќе да се зајакнува и унапредува, особено сега откако и Република Северна Македонија е полноправна членка на НАТО, со што, соработката во областа на одбраната уште повеќе се зголеми преку одржување на заедничките вежбовни активности во двете држави. Информираше за неодамна одржаните локални избори кои поминаа во фер и демократска атмосфера и за резултатите од изборите кои секако ќе ги почитуваат сите политички субјекти. Потврди дека Република Северна Македонија целосно останува на определбата за европска интеграција и посветено работи на регионалната иницијатива Отворен Балкан, со цел што повеќе земји од регионот да се приклучат кон истата. Претседателот Џафери упати искрени честитки и за изборот на Албанија за непостојана членка на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации од 1 јануари 2022 година.

Во продолжение на разговорот, Претседателот го извести соговорникот за неодамнешната билатерална средба на маргините на Конференцијата во Атина со г-ѓа Линдита Никола, новата Претседателка на Собранието на Република Албанија и изрази уверување за интензивирање на соработката на парламентарно ниво во иднина, откако ќе се формира Пратеничката група за соработка со Република Северна Македонија во албанскиот парламент.

Министерот Пелеши истакна дека во Албанија со внимание се следат сите случувања во Република Северна Македонија, изразувајќи притоа потврда за високото ниво на почитување на демократските стандарди во изборниот процес во земјава. Укажа дека многу работи не поврзуваат како земји, особено европскиот интеграциски процес за кој очекува наскоро да има напредок. Информираше за последните случувања во Република Албанија, особено по одржувањето на парламентарните избори во април, 2021 година. Посочи дека, иако Балканот е турбулентен регион со многу предизвици и изненадувања, сепак е неопходно да се опстои на интеграциските процеси кои се во интерес на двете држави и граѓаните.

Соговорниците, особено се задржаа на потребата од поголемо инфраструктурно поврзување, преку проекти за соработка во рамките на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка, со цел поттикнување на прекуграничниот економски, еколошки и социјален развој, како и нивно интензивирање. Двајцата се согласија дека мора да продолжи изградбата на патиштата, како и енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот 8, а се со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал. 

Click