Собраниско раководство

Вторник, 14 декември 2021

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. ДАНИЕЛ ЏОЗЕФ ЕМЕРИ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Австралија во Република Северна Македонија со седиште во Белград, Н.Е. Даниел Џозеф Емери. 

Посакувајќи му срдечно добредојде, Претседателот Џафери изрази надеж дека меѓусебната соработка, која заради пандемијата не може да се реализира со средби со физичко присуство на претставниците од двете држави, во иднина ќе почне да бележи на интензитет. Истовремено, го информираше амбасадорот за интересот на пратениците од Собранието за остварување поблиска соработка со нивните австралиски колеги, изразен преку континуирано формирање на пратеничка група за соработка со австралискиот парламент во секој пратенички мандат, со очекување дека повторно ќе се формира засебна мрежа за соработка со нашата земја во нивниот парламент, како што било и во минатото, со оглед на фактот што во моментов земјата е во мрежата за соработка со земјите од Југоисточна Европа. 

Амбасадорот Емери се заблагодари на можноста за остварување на средбата, оценувајќи ги меѓусебните односи како блиски, топли и пријателски, со еден значаен елемент на парламентарната дипломатија и меѓупарламентарната соработка. Тој ја изрази целосната австралиска поддршка за реализацијата на стратешките цели на Република Северна Македонија – сегашното членство во НАТО и постигнатиот напредок за добивање датум за преговори за членство во ЕУ, со очекување дека актуелните пречки ќе бидат наскоро надминати. Улогата на Собранието и пратениците во текот на преговорите за членство во ЕУ ја оцени како клучна, особено поради обемот на бараното законодавство кое треба да помине низ собраниска постапка во текот на овој процес. 

Двајцата соговорници констатираа дека соработката има потенцијал за поголем обем во доменот на одбраната, туризмот и образованието и ја поздравија досегашната соработка во рамките на меѓународните организации. Истовремено, се согласија дека дијаспората, како една од побројните во Австралија, може да послужи како мост за позајакнато поврзување меѓу двете земји. 

Click