Собраниско раководство

Четврток, 27 мај 2021

Средба на претседателот Џафери со омбудсманите Зибери, Баланца и Ќелај

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со омбудсманите на Република Северна Македонија, г. Насер Зибери; на Република Албанија, г-ѓа Еринда Баланца и на Република Косово, г. Наим Ќелај. Тој им посака топло добредојде во законодавниот дом и се осврна на клучната улога на институцијата Народен правобранител, односно заштитата на човековите права.

Во продолжение, претседателот Џафери ја сподели со гостите констатацијата за неодамнешниот избор на г. Насер Зибери за народен правобранител и информираше дека општите акти на омбудсманот ќе бидат на верификација на наредната нова седница.

Народниот правобранител Зибери му заблагодари на претседателот Џафери за средбата и изрази задоволство од досегашната соработката помеѓу институциите Собрание и Народен правобранител, при што искажа уверување дека оваа соработка во иднина ќе се зајакне и добие на квалитет.

Госпоѓа Еринда Баланца, омбудсманот на Република Албанија, откако се заблагодари за гостопримството, подвлече дека секое нејзино доаѓање во Република Северна Македонија ѝ претставува огромно задоволство, имајќи го предвид нејзиното потекло од Дебар. Таа истакна дека за неа е од огромно значење Омбудсманот да добие статус „А“ на национална институција за човекови права според „Париските принципи“, кои се однесуваат на статусот и функционирањето на националните институции за заштита и унапредување на човековите права.

Омбудсманот на Република Косово, г. Наим Ќелај, искажа задоволство за постигнатиот напредок на институцијата на чие чело е тој самиот, што за него претставува морален и престижен авторитет. Тој ја нагласи важната улога на законодавната власт во заштитувањето на независноста на институцијата Народен правобранител. Се осврна и на прашањата кои сѐ уште чекаат решение, вклучувајќи ги тука и проблемите со буџетот и со недоволно моќните надзорни механизми на институцијата.

Соговорниците дојдоа до заедничка констатација дека меѓуинституционалната соработка е од исклучителен интерес за сеопфатниот напредок. 

Click