Собраниско раководство

Среда, 10 март 2021

Средба на претседателот Џафери со потпретседателот Абазовиќ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со потпретседателот на Владата на Црна Гора, г. Дритан Абазовиќ, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваше и г-ѓа Дафина Стојановска, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Црна Гора.

Оценувајќи ги политичките односи како одлични без отворени прашања, претседателот Џафери потенцираше дека двете страни со заеднички напори можат да ги искористат потенцијалите со цел да ја интензивираат економската соработка и да ја зголемат трговската размена и изрази уверување дека оваа посета ќе придонесе во тој правец.

Во однос на евроинтеграциите, Џафери го поздрави напредокот на Црна Гора и информираше дека Република Северна Македонија преку отворен дијалог работи на отстранување на пречките на патот до полноправно членство во Европската унија.

Нагласувајќи ја важноста на регионалната соработка, тој изрази надеж дека сите ќе продолжат да се залагаат за продлабочување на регионалните односи како основа за поинтензивна економска и партнерска соработка за заедничка евроатланска иднина.

Потпретседателот Абазовиќ упати честитки за се што направила државата во изминатиот период на домашен план но и за регионот и изрази надеж дека наскоро ќе ги види и Република Северна Македонија и Црна Гора како дел од ЕУ. Но, за тоа да се случи, нагласи тој, потребни се промени, напорна работа и повеќе дијалог и соработка.

Поздравувајќи го присуството на средбата на претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Црна Гора, г-ѓа Дафина Стојановска, тој изрази надеж дека во наредниот период дополнително ќе се интензивира парламентарната соработка.

Двајцата соговорници ја нагласија важноста од давање предност  на дијалогот за постигнување на заеднички решенија и се согласија дека Република Северна Македонија и Црна Гора можат да покажат дека соработката во регионот може да биде многу квалитетна на сите нивоа.

Click