Собраниско раководство

Петок, 23 октомври 2020

Средба на претседателот Џафери со премиерот на Република Косово, Авдулах Хоти

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти, во рамките на неговата официјална посета на Република Северна Македонија. Во состав на делегацијата беа и Дритон Селманај, заменик премиер на Владата и Мелиза Харадинај Стубла, министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово.

На средбата беше изразено задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу двете пријателски земји, кои се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување.

Претседателот Џафери ја нагласи позитивната и конструктивна соработка меѓу Собранијата на Северна Македонија и Република Косово и изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог преку одржување на првата заедничка седница меѓу владите на двете земји. Тој оцени дека испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР, како наша прва ротација во мисија предводена од НАТО по добивањето на статусот полноправна членка во Алијансата, ќе придонесе за натамошната стабилност како на Косово, така и целиот регион. Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија принципиелно ги подржува евро - атлантските аспирации на Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на искуствата во овие процеси. Истовремено, тој изрази надеж за квалитативен напредок на Косово во интеграцијата кон ЕУ, како и добивање на визна либерализација. 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија изрази поддршка на дијалогот Белград–Приштина, со убеденост дека ќе биде постигнато одржливо решение прифатливо за двете страни и го поздрави Договорот за нормализација на економските односи меѓу Косово и Србија, потпишан во Вашингтон. 

Претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти, упати честитки за значајните промени, исклучителните реформи и напредокот што го постигна Република Северна Македонија, оценувајќи дека со тоа е создаден нов моментум за развој и стабилност на целиот регион. Тој се осврна на состојбата во Косово, особено на планот на евроинтеграциите и го нагласи интересот за реализација на проекти за меѓугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, финансирани од ЕУ.

Џафери и Хоти се осврнаа на економската соработка и приоритетните  проекти за инфраструктурното поврзување меѓу Северна Македонија и Косово, со цел дополнително приближување на двете земји и овозможување слободен проток на лица и стоки. 

На крајот од средбата, соговорниците ја нагласија потребата за натамошно продлабочување на соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово во сите области од заемен интерес, што ќе придонесе за натамошно зацврстување на добрососедските односи, како и за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот. 

Click