Собраниско раководство

Вторник, 2 ноември 2021 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ШПАНСКИОТ АМБАСАДОР ГАРСИЈА

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија. Н.Е. Г. Хосе Луис Лосано Гарсија. 

Претседателот Џафери, изразувајќи задоволство за средбата, ја поздрави досегашната соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје и му посака успешна работа за време на неговиот мандат. Тој ги констатираше пријателските односи меѓу двете земји и изрази надеж дека посакуваната динамика на средби на парламентарно ниво ќе добие на интензитет во иднина. Во тој контекст, го информираше амбасадорот за упатената покана до неговата колешка, Претседателката Ламања за официјална посета на Република Северна Македонија, како почетна точка во унапредувањето на билатералната парламентарна дипломатија.

Претседателот Џафери ја искористи приликата да ја повтори благодарноста за брзата ратификација на Протоколот за наше членство во НАТО во пандемиски услови, чин со кој се заокружи пристапниот процес и земјата стана 30-тата членка на Алијансата. За европските интеграции, тој го информираше соговорникот за исполнетите услови од наша страна, потврдени и во последниот извештај на Европската комисија и изрази надеж дека актуелната пречка на тој пат ќе биде отстранета и дека земјата конечно ќе ги започне преговорите за членство во Европската унија.  

Амбасадорот Гарсија исто така ги потврди добрите односи меѓу двете земји и искажа уверување дека посветено ќе работи за надминување на дефицитот на билатерални средби на сите парламентарни нивоа. Тој изрази благодарност за поддршката што Република Северна Македонија и ја дава на Владата на Кралството Шпанија во контекст на зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, преку почитување на Уставот и законите, како темелни принципи на правната држава. Во однос на НАТО и Европската унија, амбасадорот ја искажа јасната и недвосмислена поддршка на Кралството Шпанија и посветеноста на шпанските власти во последниве месеци за што поскоро отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Европската унија. 

Двајцата соговорници беа согласни дека досегашната добра соработка со Шпанската Амбасада ќе продолжи во насока на јакнење на меѓу-институционалната соработка, на полиња од взаемен интерес за двете земји. 

Click