Собраниско раководство

Вторник, 3 ноември 2020 година

ВИРТУЕЛНА СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ ШИДЕР, ЌУЧУК И ВАЛСМАН

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска имаше виртуелна консултативна средба со европратениците како олеснувачи на Дијалогот Жан Моне, Андреас Шидер, Марион Валсман и Илхан Ќучук. Средбата беше во поширок состав и на истата беа поканети и вклучени и координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во Собранието на Република Северна Македонија, Никола Мицевски, Јован Митрески, Арбер Адеми, Сурија Рашиди и Кастриот Реџепи. На средбата беше и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова. 

Оваа консултативна средба имаше за цел обезбедување на ажурирање за спроведувањето на обврските преземени за време на 3-тиот Жан Моне Дијалог на Собранието со Европскиот Парламент во февруари 2020 година, како и за целокупната политичка клима и составот на парламентарните сили по изборите одржани на 15 јули 2020 година.

Претседателот Џафери се заблагодари на европратениците на честитките за неговиот реизбор и за непристрасното спроведување на парламентарните избори под предизвикувачките околности на КОВИД -19. Тој потврди дека Собранието, и во овој нов мандат, останува доследно на одржување на моментумот и духот на Дијалогот Жан Моне, особено сега кога климата е во голема мера попозитивна. Односно, кога координациите се одржуваат во полн состав, и сите координатори имаат можност директно да се информираат и да придонесат за функционалноста на законодавниот  дом. Секако, претседателот искажа задоволство за позитивниот Извештај на Европската комисија, во делот за Собрание, и потврди дека место за подобрување има и има консензус да се работи во таа насока, меѓутоа во исто време ја образложи и нужноста од скратените постапки кои се применуваа во претходниот период. Тука се разбира мислеше на потребните измени за стекнување на полноправно членство во НАТО и отворањето на можноста за пристапни преговори со Европската Комисија. Тој информираше дека вонредната пандемија со КОВИД-19 наметна донесување на вонредни одлуки од страна на Владата на Република Северна Македонија, со оглед на тоа што Собранието беше распуштено во тој период и дека веднаш на првата седница беше отворено и прашањето за алтернативните начини на работа, со цел одржување на функционалноста и уставната надлежност а имајќи на ум дека, како што рече и претседателот Сасоли: „Демократијата не може да биде суспендирана во ваква драматична криза“, и во таа насока, претседателот Џафери изрази благодарност и до него, и до Европскиот Парламент за безрезервната помош и за тоа што остануваат на располагање за споделување на добрите практики. Засега, рече претседателот Џафери, Собранието останува да работи со физичко присуство, се додека условите го дозволуваат тоа. 

Во однос на 4-тиот Дијалог Жан Моне, кој засега не може да се организира поради неможноста од физичко присуство, од страна на европратениците беше потврдено дека Европскиот парламент е подготвен да продолжи со олеснување на процесот затоа што заклучоците од 3-тиот ЖМД оставија важно наследство за новиот парламентарен состав, односно Деловник за чии реформи во клучните аспекти се согласија сите учесници. 

Претседателот Џафери, и сите присутни на средбата искажаа подготвеност да продолжат со реформите и изнаоѓањето на прифатливи решенија за сите можни деловнички ситуации кои би можеле да го попречат нормалното одвивање на законодавниот процес.  

Click