Собраниско раководство

Среда, 12 мај 2021 година

Силна посветеност на процесот на Дијалогот Жан Моне и на постигнувањето конкретни резултати пред следниот круг разговори

Заедничко соопштение за медиуми на олеснувачите на Европскиот парламент за процесот на Дијалогот Жан Моне со Собранието и на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

На 12 мај 2021 година, се одржа онлајн средба помеѓу раководството на Собранието на Република Северна Македонија, предводено од Претседателот Талат Џафери и водечките членови на Европскиот парламент, Илхан Кјучук (ОБНОВА, БГ), Андреас Шидер (С&Д, АВТ) и Марион Валсман (ЕНП, ДЕ).

Европскиот парламент и Собранието на Република Северна Македонија продолжуваат да бидат посветени партнери во овој процес, а сите соговорници ја истакнаа важноста на дијалогот Жан Моне во градењето доверба, зајакнувањето на демократската култура и подобрувањето на парламентарните капацитети. Полноправна рунда на Дијалогот Жан Моне ќе биде организирана штом здравствените услови дозволат средби во живо.

Повторното формирање на работната група на Собранието за изменување и дополнување на Деловникот е позитивен чекор кон постигнување консензус меѓу различните политички партии во Собранието. Суштинско е сите страни да ги остават политичките разлики настрана за да се консолидира работата на собранискиот Деловник и да се придонесе за понатамошно зајакнување на институцијата и на реформскиот процес воопшто. Собранието ја потврди својата посветеност на спроведувањето на заклучоците од последната средба во рамките на Жан Моне дијалогот, која беше одржана во февруари 2020 година.

За време на средбата, раководството на Собранието претставувано од  претседателот Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Фадил Зендели, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците и Алтернатива. се вклучија во конструктивна размена на мислења за процесот на реформи. Претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, г. Панчо Минов, како и генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова исто така дадоа свој придонес во оваа позитивна размена.

Конечно, водечките европратеници искажаа целосна поддршка на раководството на Собранието во нивните напори насочени кон развој на култура на парламентарен дијалог и градење консензус и кон продолжување со институционалните реформи, потребни за процесот на интеграција на земјата во ЕУ. 

Click