Собраниско раководство

Среда, 28 октомври 2020, Тирана, Република Албанија

Обраќање на претседателот Џафери на Балкански форум против антисемитизмот 2020

Почитуван претседател на албанскиот парламент, г. Ручи,
Почитуван премиер на Република Албанија, г. Рама, 
Почитуван претседател на Европскиот парламент, г. Сасоли,
Почитуван државен секретар на САД, г. Мајк Помпео,
Почитуван претседател на црногорскиот парламент, г. Бечич, 
Почитувана претседателка на косовскиот парламент, г-ѓа Османи,
Почитувана сенаторка Розен,
Почитуван г. Таулант Бала,
Почитувани колеги,

Дами и господа, присутни на виртуелен начин на оваа специјална конференција за Балканот, а со фокус на борбата против семитизмот, драго ми е што можам на овој начин да ве поздравам и да ви посакам пред сѐ на сите да бидете со добро здравје во ова време на глобална закана по здравјето на секој човек.

Човекот, со сите свои доблести и мани е најсовршеното битие кое знае, може и во поголемиот дел од времето го користи разумно тоа со што е благословен во животот. Меѓутоа, има мигови, за жал понекогаш и подолготрајни периоди кога здравиот разум останува нем сведок на нечовечноста, кога надвладува нехуманото постапување со други живи суштества. Сме виделе многу, и се уште гледаме и се чини се уште учиме како да спречиме да се повторат ужасите на холокаустот, геноцидот, дискриминацијата и нееднаквото третирање на луѓето. Учењето за холокаустот не е само обично помнење на факти, учењето за холокаустот е подобро разбирање на последиците од предрасудите, расната нетрпеливост, антисемитизмот и стереотипите во секое општество. Тоа, исто така помага да се подигне свеста за вредноста на постоењето и почитувањето на различностите во едно плуралистичко општество и да се има почит и разбирање за посебностите на сите етнички заедници. Токму поради овие факти, Република Северна Македонија вложува многу во развојот на образованието за холокаустот, низ појаснување на девијантните и дискриминирачки појави и во денешен контекст, а со цел борба против секаков вид на омраза и нетолеранција.

Република Северна Македонија, следејќи ги заложбите за интеграција на нашата држава во европското и светското семејство и водејќи се од стратегијата за еднаквост на луѓето, борбата против стереотипите и предрасудите, ги прифати и усвои документите посветени на холокаустот и во изминатите години посветено работеше на промоцијата на оваа тема на сите полиња. Во март 2018 година, Собранието на Република Северна Македонија ја усвои Декларацијата по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија со што всушност се усвои и работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизам (ИХРА).

Едукацијата за холокаустот е една од клучните работи кои човекот треба да ги стекне од најрани години, со цел да се подигне свеста кај него и во целото општество во однос на создавање на вредности на почитување на различностите помеѓу луѓето, а со цел да се изгради хумано и рамноправно општество. Во овој контекст, Република Северна Македонија ги поттикнува сите активности поврзани и со едукацијата за холокаустот, и во тие рамки, Министерството за образование и наука, во рамките на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, отвори Сектор за едукација и истражување на холокаустот, каде се одвива сеопфатно учење за холокаустот, за можноста од ползувањето и злоупотребата на моќта, како и за улогата и одговорноста на поединците, организациите и нациите во случаите на кршење на човековите права. Тоа воедно придонесува и за подигање на свеста во однос на можностите за појава на геноцид во современиот свет. Секторот за едукација за холокаустот е всушност прв од тој вид во државата и во регионот, што ни причинува гордост и задоволство. Покрај обуките за наставници и едукатори во соработка со Јад Вашем од Израел, секторот ја изготвува и Стратегијата за едукацијата за холокаустот во Република Северна Македонија со придонес на стручни лица, едукатори и реномирани светски институции кои ја третираат оваа тема.

За посебно истакнување е улогата на Република Северна Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (International Holocaust Remembrance Alliance - IHRA), организација која во 2019 година и додели на нашата држава признание за големите напори кои ги вложи на сите полиња, а особено на полето на образованието и со тоа го подигна својот статус од држава набљудувач во држава придружна членка на ИХРА, статус кој е само еден чекор пред стекнување на полноправно членство. На Конференцијата на ИХРА во Луксембург, државата се обврза да ги преведе Препораките за предавањето и учењето за холокаустот како стратешки важен документ и истите беа преведени на македонски, албански, турски и српски јазик од страна на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците за потоа да бидат и споделени од нив и експертите кои учествуваа во проектот.

Во јуни 2020 година, во ко-организација на нашата држава, односно Министерството за образование и наука и Јад Вашем, за прв пат се одржа Едукативен вебинар за жртвите и хероите на холокаустот. Не можам а да не ја спомнам и нашата активност во издаваштвото, каде беа преведени голем број на мемоари на наши граѓани и истите се денеска достапни во образовниот систем со цел запознавање на младите генерации со реалните животни трагедии случени токму поради затворање на очите пред антисемитизмот, и аналогно пред секаков вид на геноцид, кршење на човекови права, дискриминација, говор на омраза, ксенофобија, расизам. Покрај тоа, беше промовиран и Зборникот на документи „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија“, од почитуваните автори Скендер Асани, Нора Малиќи и Владо Поповски, кој е добра основа на објаснувањето на еврејското прашање на Балканот.

Уште една специфика на нашето Собрание е тоа што во составот од 120 пратеници, имаме и пратеничка од еврејската заедница, Рашела Мизрахи која може да придонесе многу во промоција на прашањето на борбата против антисемитизмот. 

Почитувани колеги,

Ви посакувам успешна работа на Форумот. Секако дека и најмалиот придонес  во насока на искоренување на ова зло е придонес во градење на похумани и порамноправни општества. 

Ви благодарам на вниманието!

Click