Собраниско раководство

Среда, 28 октомври 2020

Обраќање на претседателот Џафери на Е-конференција за Отворен парламент - Акциски план за Партнерство за отворена власт 2021 - 2023

Почитувана генерална секретарка Иванова,
Почитувана амбасадорка на швајцарската конфедерација, Ваша Екселенција Техада,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани  претставници на Партнерство за отворена власт (ПОВ),
Претставници на граѓанските организации од мрежата за ПОВ,
Почитувани присутни членови на Советот за ПОВ и
Пријатели од Програмата за парламентарна поддршка, НДИ, Институт за демократија и Центар за управување со кризи,

Дозволете во мое име и од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија да ви посакам добредојде на виртуелната конференција за Отворен Парламент, Акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023. Како што ви е познато, оваа е-конференција се организира во рамките на Глобалната недела на отвореност на законодавството #GLOW2020 организирана од Е-мрежата за Отворен парламент и мене ми е драго што Собранието е дел од оваа Недела и оваа мрежа. Со ова, законодавниот дом само потврдува дека останува и понатаму доследно на исполнувањето на донесените одлуки со станувањето дел од Партнерството за отворена власт во 2018 година, кога всушност беше донесен и првиот план за Отворен парламент кој стана дел од Националниот акциски план 2018-2020 година.

Нашата посветеност и сериозност во пристапувањето на остварувањето на заложбите беше секогаш на потребното ниво, секако, со безрезервната поддршка и помош на Програмата за парламентарна поддршка и Швајцарската амбасада и почитуваната амбасадорка Техада со која соработуваме веќе подолг период и е наш потврден пријател. 

Почитувани,

Како што Ви е познато, јас сум веќе втор мандат претседател на Собранието, а и во моите претходни ангажмани сум бил во тек со функционирањето и перцепцијата во јавноста за Собранието и затоа можам изворно да потврдам, работевме и постигнавме многу во насока на менување на перцепцијата на граѓаните за законодавниот дом. Потврда за тоа е и последниот извештај на Европската комисија, во делот за Собрание каде се нотира дека е постигнат напредок во спроведувањето на Стратешкиот план 2018 -2022 со подобрување на надзорната функција над извршната власт, зајакнувањето на односите со надворешните надзорни чинители, се спомнува отворањето на Парламентарната буџетска канцеларија, и активното учество на политичките партии во Дијалогот Жан Моне. За нас се од исклучителна важност и измените во Законот за Собрание со кои се зајакнува независноста на човечките ресурси и во таа насока е и изготвената Функционална анализа, со цел ефективно и максимално добро искористување на постојните капацитети, со цел подобрување на функционалноста на институцијата. Со сите свои активности во насока на достапност за граѓаните преку најразлични модули и форми за нивно вклучување во работата на Собранието, успеавме да станеме поблиски, поотворени, подостапни и транспарентни во нашето работење.   

За жал, реалноста која ја живее денес цел свет, е наметнатата реалност од КОВИД-19 и глобалната закана по здравствените и економските столбови на секоја држава, без исклучоци, и тоа претставува огромен предизвик за задржување на овој дискурс со ориентирање кон виртуелно одржување на активностите а сепак квалитетна и ефикасна примена на уставната надлежност на законодавната власт. Заедно работиме на нова собраниска веб страница, ново собраниско студио, со цел да се овозможи подобар проток на информации за граѓаните, следствено и нивно поголемо учество во собраниските активности, во законодавниот процес.

Остануваме посветени на Партнерството за отворена власт и во таа насока го започнавме и процесот за подготовка на новиот план 2021-2023 и оваа денешна е-конференција е дел од процесот на ко-креација на Планот. Ве поканувам да бидете активни за време на дискусиите, да придонесете со вашите идеи, предлози за да го направиме Собранието уште поотворено, потранспарентно и во согласност со барањата на граѓаните. Ви посакувам среќна  и плодна работа на денешната е-конференција!

Ви благодарам на вниманието!

Click