Собраниско раководство

Среда, 30 декември 2020

Обраќање на претседателот Џафери на Конститутивната седница на Клубот на пратенички

Почитувани колешки пратенички,
Почитувана министерка за труд и социјална политика, г-ѓа Јагода Шахпаска,
Почитувана генерална секретарка Иванова,
Почитувани претставници на меѓународните организации во Република Северна Македонија,
Почитувани присутни,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, да изразам задоволство што денес можам да го поздравам конституирањето на новиот состав на Клубот на пратенички во рамките на законодавниот дом, кое е неформално консултативно тело за унапредување на правата и положбата на жените и во чиј состав влегуваат пратеничките од актуелните состави. Ви посакувам да имате навистина успешен мандат, кој што ќе ве прави Вас почитувани колешки, меѓутоа и сите нас горди и исполнети.

Почитувани,

Ако се водиме по конкретните резултати кои се постигнати од 2003 година кога е формиран Клубот, па навака, со секое обновување на составот на Клубот, може да се каже дека имате навистина добра подлога врз која ќе можете да продолжите да работите, да го надградувате и зголемувате спектарот на правата на жените, насочувајќи ги Вашите активности и сета енергија на заокружување на веќе постигнатите успеси, продолжување на започнатите а недовршени процеси и иницирање на нови прашања и иницијативи кои ги наметнува новото време и предизвиците што ги носи со себе. Клубот, сам по себе има голема предност од повеќе аспекти. Како прво, во него е надмината партиската припадност, и наметнувањето на партиските насоки, пратеничките, како креатори на закони со чиј легитимитет и заживуваат тие закони, ја имаат моќта да делуваат во насока на подобрување и унапредување на реалната состојба на терен со тоа што законите ќе се разгледуваат од родов аспект, за да добиеме сите јасна слика за тоа како предложените закони и измени на закони би влијаеле на припадниците на двата пола. Тоа значи, да се постигнат еднакви права на социјален, економски и културен развој, меѓутоа и подеднакво право на глас и придонес во општествениот и политичкиот живот. Кога велам дека има добра основа, мислам на тоа што со измените што се направија во Изборниот законик, се обезбеди учество од 40% на жените на кандидатските листи што не става на високо место помеѓу европските земји а се цели кон постигнување на милениумските цели на Организацијата на Обединетите Нации за учество 50:50.

За да се постигне тоа, потребна е искрена и безрезервна поддршка на двата пола, и неопходно е работење во насока на сфаќање на тоа дека ако жената добива некое право, не значи дека се скратува некое право на мажот, тоа само значи дека имаат иста појдовна основа, исто се валоризира и плаќа и нивната работа и имаат исти можности за напредување и во јавниот и во приватниот сектор. При тоа, треба да се работи на постигнување на родова еднаквост и при поделба на сите обврски во домот, бидејќи не постојат машки и женски работи, грижата за домот и децата е заедничка на двата родители за да може и жената да воспостави баланс на приватниот и професионалниот живот и да има личен и кариерен развој.

И, кога еднаш се исполнети сите предуслови за жената да може да го даде својот полн придонес во секој сегмент од општественото живеење, ќе можеме да видиме конкретни резултати кои ќе имаат импакт и врз квалитетот на живот. Затоа што, ништо не може да ја сопре моќта на жената која дава живот, таа има моќ и да го промени и разубави животот а во ова време на здравствена, економска, политичка, воена, природна несигурност кога како човештво се соочуваме и справуваме со предизвици од различна природа, градењето на здрави семејства, со разумно толкување и разбирање на секој аспект е од огромно значење. Затоа е суштински придонесот на жените во политиката, во донесувањето одлуки, за државата, за нивниот личен живот и за иднината на младите генерации. Се разбира, економската независност и зајакнување се неизбежни за тој придонес да биде сестран.

Дами и господа,

Токму тука е улогата на Клубот исклучително значајна во насока на ставањето на маса на тешкотиите кои се сè уште составен дел од животот на жените: дискриминацијата, говорот на омраза, стереотипите и традиционалните родови улоги. Медиумите се од есенцијална важност за менувањето на менталитетот и јавното мнение за прифаќање на рамноправноста на жената како сосема природна појава.

Затоа, дозволете да Ви посакам успешна и плодна работа на Клубот и да Ве уверам дека ќе ја имате мојата поддршка за секоја иницијатива која ќе биде во насока на постигнување на целосна еднаквост на жените во нашето општество.

Ви благодарам на вниманието!

Click