Собраниско раководство

Четврток, 29 октомври 2020, Холидеј Ин

Обраќање на претседателот Џафери на Работната средба за пратеници: Вовед во улога и функција на Клуб за младински прашања и политики

Почитувани колеги пратеници,
Почитувана генерална секретарка Иванова,
Почитуван претставник на Фондацијата за демократија Вестминстер, г. Незири,
Почитувани присутни,

Дозволете да изразам задоволство што денес се наоѓаме тука на овој убав настан, кој што е всушност почеток на продолжението на една убава иницијатива која своите зачетоци ги има од 14 октомври 2017 година, кога беше формиран Клубот за младински прашања и политики во Собранието на Република Северна Македонија. Иако замислен во својот неформален состав да биде со пратеници до 35 години, тоа не претставуваше, а убеден сум дека нема да претставува ниту сега проблем за сите кои чувствуваат дека имаат како и што да придонесат во насока на унапредување на статусот и положбата, како и заштитата на интересите на младите во Република Северна Македонија, да станат дел од овој Клуб. Јас ве охрабрувам, почитувани колеги да се посветите сериозно на задачата со која се задолжувате, затоа што верувајте, резултатите од овој ангажман, ќе бидат во полза на сите млади генерации, и актуелните, и идните. А кој најдобро ги познава потребите на младите? Се разбира токму младите кои имаат потреба да ги шират крилата, да истражуваат и откриваат нови длабочини, нови  височини. Имаат потреба и заслужуваат да бидат на исто рамниште со своите врсници од високо развиените земји каде што на секој од нив се гледа подеднакво, и му се нудат еднакви можности за учење, надградување, вработување и напредување на професионалното скалило. Што е уште поважно, високо развиената свест за еднакви граѓани со еднакви права и обврски, при тоа, почитувајќи ги разликите и карактеристиките на сите етнички заедници поединечно, ќе произведе задоволни, среќни и лојални граѓани на оваа мала но прекрасна земја која верувајте е доволно голема за да обезбеди топол дом, безбеден и квалитетен живот за сите свои граѓани со еднакво почитување на демократските и основните човекови права и обврски. Ние навистина имаме огромен потенцијал и мораме да направиме се што е во наша моќ да погледот на тие капацитети не биде свртен кон Западот туку свртен кон дома. Да го донесеме светот тука, а не да ни заминат младите во светот.

Знам дека тука ќе се говори за  активностите на претходниот Клуб на млади откако беше усвоена Програмата за работа на Клубот на млади, и затоа нема да образложувам долго во таа насока, само ќе спомнам дека тие оставија зад себе видлив резултат. Тука мислам на Законот за младинско учество и младински политики кој што беше усвоен со поддршка од сите пратенички групи во Собранието во Јануари 2020-та година, по што следеше и координација со институции на централно и локално ниво за обврските кои треба да бидат преземени од Законот за младинско учество и политики, со цел поефикасна и целосна имплементација на Законот. Клубот беше исто така активен и на меѓународната сцена, посветен на промовирање и застапување на младинските интереси на меѓународните настани, како и на собирање на позитивни искуства и пракси, особено од земјите членки на Европската Унија. Како резултат на таквата активна соработка со Европски Парламент и потпретседателот на Европски Парламент, лидерот на Програмата за Млади Лидери на Европски Парламент, Собранието на Република Северна Македонија, заедно со тие европски институции беше домаќин на настанот „Премостување на јазот - Политички дијалог на високо ниво”, на кој што учествуваа пратеници од шест парламенти од Западен Балкан и младински активисти и младински организации.  Покрај тоа, беше формирана и Регионална мрежа на Парламентите од Западен Балкан на Младински клубови чија цел е поврзување на сите Клубови со цел младинската агенда да биде ставена високо во приоритетите на Унијата и на земјите од Западен Балкан. Во таа насока, неодамна имав средба и со претставници од минатиот Клуб за младински прашања и билатералните младински канцеларии за соработка, кои се дел и обврска од имплементацијата на Договорот од Преспа, и се најдобриот начин за охрабрување и интензивирање на взаемната соработка со соседите, со кои можеме и мораме да научиме да живееме, соработуваме и напредуваме заедно, како земји и како регион. И тогаш им потврдив, и сега потврдувам, институциите се тука за спроведување на државниот интерес и олеснување и подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани, а младите се најскапоценото и највредното што го имаме.

Почитувани млади колеги,

Ви посакувам ентузијазам, упорност, визија и неуморност во постигнувањето на целите што ќе ги поставите пред себе при основањето на новиот Клуб за младински прашања и политики на овој парламентарен состав. Направете да бидеме  горди, а јас и Собранието ќе бидеме до вас на секој ваш иден чекор и преземена иницијатива.

Ви посакувам успешна и плодна работа!

Ви благодарам на вниманието!

Click